Почетна Коментар Епископ Партениј: македонскиот јазик и држава ни се свето наследство од предците
Епископ Партениј: македонскиот јазик и држава ни се свето наследство од предците

Епископ Партениј: македонскиот јазик и држава ни се свето наследство од предците

834
9

(По повод „21 февруари“ – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик)

Следејќи го текот на македонско-бугарските политички односи во последниве неколку години, особено по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, а за кој ние како монашка заедница јавно излеговме со позитивно мислење и нелицемерна поддршка, со надеж дека тој, „срочен во духот на европското право“, ќе придонесе за воспоставување и зацврстување на братољубиви односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ, што насушно е потребно од многу аспекти за двата современи европски народи, сметаме дека по речиси пет години, потребно и чесно е да излеземе со свое мислење во однос на тоа што се има случено оттогаш на ова поле.

Исто како што напоменавме и тогаш, ќе нагласиме повторно и сега, дека ова писание, во кое се одразува ставот на целото наше Братство, не е инспирирано или поттикнато од какво-годе политичко влијание и припадност, бидејќи ние како монашка заедница, сецело предадена во служба Божја, не служиме на ниедна политичка партија, движење, идеологија, сила или моќ, освен, се разбира, на Божјата семоќ. Следствено, го пишуваме овој свој став како наша должност, пред сè, кон историјата, како и кон иднината, а потоа и кон секој граѓанин на двете земји и кон нивните политички водачи.

Да започнеме од насловот на Договорот. Во него се содржат три прекрасни и полни со христијански ентузијазам зборови: пријателство, добрососедство и соработка. Но, за жал, мораме веднаш отворено да предочиме, дека одреден дел од политичарите воопшто не се придржуваат, па дури и ги злоупотребуваат овие христијански начела, често употребувајќи манипулации заради популистички цели, така што наместо напредок во зближувањето и пријателството, ние денес имаме нешто сосема спротивно: оддалечување и негативни чувства едни кон други, поголеми, би рекле, дури и од оние во времето по Информбирото од 1948 година. Навистина трагично!

За историската и културолошка блискост помеѓу Македонија и Бугарија и за нашите заеднички моменти од историјата, како и за историските недоследности, фалсификати и затскривања, досега како Братство имаме јавно и транспарентно напишано многу и се разбира, вистинољубиво стоиме и докрај ќе останеме зад тоа. Меѓутоа, очигледно е дека некои политички и општествени структури заедничките нешта од минатото не ги восприемаат и ползуваат како една солидна подлошка врз којашто треба да се гради конструктивна и светла иднина, ами ги злоупотребуваат за зголемување на недовербата, на отуѓеноста, а не помалку и на омразата – што во никој случај не е добро ни за едната, ни за другата држава, како ни за едниот ни за другиот народ. Да, сосема полезно и неопходно е да се познава историјата, да се води дијалог за неа, да се разобличуваат историграфските фалсификации и да се постигне заеднички јазик, но да се биде потполно „заглавен“ во минатото е, пред сè, патолошки комплекс и одлика на оние кои не знаат да се носат со сегашноста и кои се плашат од иднината, па дури и не се грижат за неа.

Токму тоа во моментот се случува со одредени политички структури, коишто наместо од братољубие или од „пријателство, добрососедство и соработка“, настапуваат кон Македонија од позиција на сила, уценувајќи го нејзиниот развоен пат кон европската интеграција, под изговор дека „Северна Македонија никако не признава дека до 1945 година била бугарска земја, со бугарски народ и со бугарски јазик и дека денес во неа сè уште има репресии врз бугарското население“. Сметаме дека оние коишто толку упорно го тврдат ова и настојуваат на него, или немаат доволно познавање за создавањето на нациите и на јазиците, или, пак, се инструирани, како посредни или непосредни службеници, од некои моќни, тајни или јавни, геополитички структури коишто едноставно не сакаат и не дозволуваат братството и пријателството меѓу народите да преовладее. Работата е едноставна: разгорувај го крајниот, неиздржан и прост национализам и кај едните и кај другите и тие никогаш нема да постигнат согласност.

Во оваа насока се движат некои назадни и деструктивни постапки и барања во однос на неприродното и изнасилено создавање на бугарска национална свест во Македонија, преку одредени здруженија и лоби групи. Ова, меѓу другото, се однесува  и на злоупотребата на бугарските пасоши што ги поседуваат одреден број  македонски граѓани, а кои во најголем дел, како што е општопознато, се извадени главно поради економски причини (што, секако, ние како Манастир не го одобруваме и сметаме дека е на штета на македонската државност) и крајно незначителен е бројот на оние кои меѓу нив навистина се чувствуваат како Бугари.

Денес, во 21. век, повеќе од анахроно е да се мисли дека историските настани можат да се вратат назад. Историјата го завршува своето движење и реалноста мора да се прифати. Оттука сметаме дека очекувањето македонските граѓани по секоја цена и недвосмислено да декларираат бугарска национална свест и последователно на тоа, негирањето на современиот македонски идентитет и литературниот македонски јазик, предизвикуваат само негативни последици и силно влијаат во продлабочувањето на кризата во односите меѓу нашите две држави и народи, што секако не е добро за никого.

Сепак, фала Му на Бога, има и многу разумни луѓе, со силен интелектуален капацитет, и во македонското и во бугарското општество, коишто добро ги разбираат историско-политичките односи и развитија и знаат дека создавањето на нациите и на јазиците како современи политичко-територијални и социолошко-историски феномени, според мислењето на науката, е невозможно да се утврди со прецизен датум. Станува збор за еден релативно подолготраен културно-политички-општествен процес, кој е многу тешко да се ограничи во конкретни датуми и години. Точно е тоа дека одредени национални идентитети се формирале порано, а некои подоцна. Ама кога веќе еднаш ќе се оформи некоја нација, анахроно и недемократски е да се негира историската реалност. Оттука, македонската нација не е исклучок од овие современи разбирања за создавањето на националните идентитети на Балканот и пошироко во Источна Европа. Имајќи го ова предвид, неправедно е да се условува со точни датуми до кога мнозинското словенско население во Македонија, особено неговата интелектуална елита, себеси се сметало за дел од некои други етникуми, а од кога тие или нивните наследници развиле посебен македонски политички, а потоа и национален идентитет, сосема различен од другите на Балканот. Доколку непристрасно се читаат историските факти, ќе увидиме дека уште во текот на 19. век кај извесни дејци од територијата на Македонија се појавува најнапред политичка македонска свест, која со тек на времето и под влијание на одредени општествено-политички процеси и случувања, постепено прераснува и во посебна национална свест. Истото можеме да го заклучиме и за македонскиот народен јазик, кој особено од тоа време се издвојувал како посебен дијалект во општиот словенски јазичен корпус и континуум.

Нешто што, исто така, е особено важно и не смее никако да се занемари е фактот што во современата македонска нација се интегрирани голем број граѓани чиишто предци во минатото припаѓале на различни нации и етникуми и тоа, се разбира, нив не ги прави помали Македонци денес. Од оваа причина, евентуалното неприродно и од разни фактори потсилувано формирање на бугарско малцинство и неговото вметнување во Уставот на нашата држава, со сигурност ќе доведе до заострување на конфронтацијата помеѓу, од една страна огромното мнозинство во земјава – што веќе има изградено јасно македонско национално чувство (вклучително и такви што добро ја знаат историјата и знаат дека имаме заеднички моменти од минатото со повеќе етникуми) – и бугарскиот народ и држава од друга страна, бидејќи истото ќе се смета за директно мешање и непријателска пропаганда од Софија. Згора на сè што ваквата тенденција, ваквото барање до другиот, некој не е подготвен да го слушне и да го дозволи на својот терен. Се разбира, едно од основните човекови права е правото на национална самоопределба и ние во никој случај немаме ништо против тоа. Но, едноставно, не значи дека ако некој македонски граѓанин добро ја знае историјата и во некои сегменти се согласува со одредени тези што не се дел од официјалната државна историографија, по автоматизам тој е современ Бугарин, Србин или што-годе друго. Уште сега, од ситуацијата на терен знаеме дека здруженијата и групациите кои се обидуваат да врбуваат следбеници и да наметнуваат бугарска, српска или каква било друга национална самосвест меѓу македонското население, а притоа самите се прикажуваат како жртви на некаков си притисок од страна на државните власти – воопшто не се прифатени од најширокиот дел на македонските граѓани и на нив се гледа како на ретроградни здруженија со несоодветни методи на дејствување, помагани од туѓи служби за кои веќе рековме дека главната цел им е да предизвикуваат раздор.

Со ова писание немаме намера никого да навредиме или омаловажиме, туку да дадеме едно свое видување на нештата, со цел да преовлада пријателството и братољубието меѓу народите на Балканот. Воедно, немаме ни намера да им даваме отчет на т.н. „патриоти зад тастатурата“ во нивните вулгарни прозивки за нашата национална свест, ниту, пак, за нашите ставови за патриотизмот, љубовта кон Татковината, односот кон историјата и сл. Важиме за отворен и транспарентен Манастир и сè што сме имале да кажеме во однос на овие нешта досега, објавено е на нашата официјална страница. Писмените можат да прочитаат, а паметните и да разберат. Тука би го додале и фактот (иако ова нешто влегува во личното и интимно право на секој граѓанин и не е задолжително да се објавува) – дека за разлика од многу „македонски виртуелни патриоти“, ниту еден член од нашето братство нема двоен бугарски или пасош на некоја друга земја. Напротив! Сите сме граѓани и ѝ служиме единствено на македонската држава. Дополнително, за информација на љубопитните и „загрижените“, иако и ова влегува во делот од интимата на секоја личност, објавуваме дека своето граѓанско право на изминатиов попис, јас и моите во Христа браќа и сестри монаси и монахињи, го исползувавме за да ја декларираме својата македонска национална припадност, што јасно ќе се докаже во пописните резултати и ќе биде, веруваме, доволен показател и доказател против секоја негативна кампања (иако знаеме дека станува збор за злоупотреба и обична злонамерна и популистичка пропаганда) против нашата заедница. За сите нас во Братството, македонските држава, народ и јазик претставуваат свето достојание од предците, а за нашата љубов и подвиг за нивниот добробит не е умесно да пишуваме ние: ќе оставиме за тоа да сведочат единствено делата. Впрочем, должност на секој Христијанин е да ги љуби луѓето од својот род, од своето опкружување и да се моли и подвизува за нивно спасение, без притоа да ги мрази, омаловажува и навредува другите. Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од безверник (1. Тит. 5,10).

Пишува: Епископ Антаниски Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител

Коментар(9)

  1. Навистина не е фер спрема владиката Партениј да мора да се извинува пред некого за сопствените национални чувства! Јас како православен македонец навистина немам никаков проблем да отидам кај него на служба независно дали тој се чувствува како македонец или бугарин но само доколку служи литургија во канонското единство со Соборната Православна Црква! Се додека МПЦ-ОА не изнајде канонско решение за нивниот раскол, Партениј за мене е НЕДОСТОЕН како владика, а неговото национално убедување како и неговото почитување на историските научни факти и нивна интерпретација каква и да е таа, воопшто не ми смета!

  2. Александар, навистина не знам како не ви се смачи од тоа постојано да се занимавате со терминот “раскол”. Опседнати сте! И многу си контрадикторен, се матиш нешто. Велиш дека немаш проблем да отидеш кај него на богослужба независно од тоа како се чувствува, но сепак не го правиш тоа бидејќи е “во раскол”, а то ти боди очи, па следствено го прогласуваш за НЕДОСТОЕН. Ако веќе толку сакаш да зборуваш за расколи, канонски единства, ова-она, тогаш сврти го погледот кон Московската Патријаршија која и те како е во раскол, бидејќи, како што знае целиот православен свет, самата се отцепи од канонското единство со Вселенската Паттијаршија. Ете ти раскол со кој можеш да се занимаваш!
    И уште нешто: каде виде дека владиката Партениј се извинува? Никаде! Впрочем неговите ставови се јасно и транспарентно објавувани сиве овие години на нивниот манастирски сајт, но за жал се спинувани и вадени од контекст од злонамерниците. Но тоа е, кој чита ќе разбере, кој има уши да слуша ќе прослуша, кој има очи да види ќе прогледа. Некои за жал ќе останат и глуви и слепи.
    Ти давам најдобронамерен братски совет, а тоа е да не ја пропушташ суштината – единството во љубовта.

  3. АЛЕКСАНДАР 22/02/2022 At 10:06
    За православниот христијанин само Христос е Воскресението. Старецот може само да и служи на оваа тајна. Братството не мора до толку да му се завлекува вака на својот шеф кој им дава ухлебие и работа. Ај на страна бугарштината и уживањето во раскошниот дворец на падините на националниот парк, во време кога народот е тотално осиромашен ама со ова што го прават му го ускратуваат на верниот народ и Небесниот леб. Заблудите на бигорци станаа претешки.

    Александар, со овој твој коментар ми се потврди твојата внатрешна поделеност, како и тоталната духовна сиромаштија во која пребиваш. Во претходниот твој коментар кон текстот на архимандритот Доситеј, алудираш на “бугарштината”, а овде, пак, не ти смета да појдеш на богослужба кај владиката Партениј без разлика на неговата определба, само под услов да е во канонско единство со другите цркви (за нештата да бидат појасни го наведов твојот коментар кон претходниот текст). Навистина, освен во твојата личност, јас никаде на друго место не гледам схизма. Ти немаш ништо заедничко со Христа, ти не го живееш Неговото Воскресение. Доколку Го љубеше – ќе Го познаваше, ќе знаеше дека ниту еден монах нема ни пензиско осигурување, ни плата, ни пак, живее во раскошен дворец, туку во скромни ќелии (сум влегол во една и знам какви се, а веројатно и ти знаеш), во постојано себеистоштување и целодневна работа, за разлика од нас кои имаме и слободни часови во денот, и денови во седмицата и годишни одмори, кои примаме плата за 6-7 часовниот дневен труд и пензиско осигурување за кога ќе ни снема телесни сили. Ти ли ќе им кажеш на монасите што да гледаат во својот татко и Старец? Оставиле се’ за да Му служат на Христа во беспрекорно послушание, стануваат во 05 часот рано наутро за да се молат, додека ти можеби правиш нешто недолично. Зошто го залажуваш народот со украсените храмови? Зарем не се сите храмови низ светот добро украсени? Или само бигорскиот ви смета? Доста фрлаш песок во очите на народот, заради таквите како тебе луѓето ја губат верата. Еден ден проблемот ќе се реши, само лузните од раздорите кои ги правите ќе останат. Вака сите губиме…

    1. Наум, и јас исто како тебе сакам канонско единство на нашата помесна црква со СИТЕ останати помесни канонски цркви. Вселенскиот патријарх само го ИЗРАЗУВА тоа единство, а самиот не го поседува за да го раздава технички на кој му недостига. Во тој случај вашата православна еклесиологија не е ништо поинаква од англиканската која е само бледа сенка на римокатоличката. Црквата која неканонски се двои од одредена јурисдикција никогаш нема да има мир, и ќе го носи жигот на расколот и понатаму. Зашто се во црквата треба да се прави во мир и единство. Само вистинското единство во црквата, а не душевното и замислено (фиктивно) ги отвара вратите на Царството. Ако во овој клуч и повнимателно ми ги препрочиташ коментарите ќе разбереш многу подобро што говорам. Партениј е во раскол, тоа е главното бидејќи очигледно ги толкува црковните реалности во историско-политички клуч. Јас немам никаков проблем со неговото бугарофилство или бугарски идентитет под услов да не му го засенува канонското расудување, бидејќи да не беше така ќе се обратеше до СПЦ и ПОА прво. Но тие се срби нели?! Бидејќи човекот ги меша верата и националноста (ерес на етнофилетизам) се што прави му излегува на опаку. Кај прави апологија на расколот и го става на тешко искушение Цариград и Софија да му станат соучесници, на тоа додава и национални агитации. Ако канонски излезе од расколот, ќе нема ни проблем со своите национални убедувања потоа, бидејќи како владика може слободно и со право да го одлачи секој оној верник кој ќе му замерува за неговата националност. Што се однесува до трудот на монасите, шаолините исто така се трудат во физичкиот напор и концентрација но тоа не ги прави православни нели?!

    2. Господ Христос е Богочовек. Според вас и Он ли бил ви схизма бидејќи имал две природи во една личност?

  4. Оф Александре, па така кажи си, отвори си се, не се срами! Дури сега сфатив кој си и од каде си. Па ти си бил особено начитан фарисеј, надарен демагог и сериозен антихристијанин. Од таквите како тебе се’ ни се распаѓа. Нема што повеќе да коментирам – се знаеме кои сме и чиви сме. И твојот и мојот профил се лажни. Само јас останувам Христов, за тебе не знам. Поздрав.

  5. Ovoj vladika (taka narečen) denes e bugarin, utre makedonec, pa obratno. Pa daj ednas neka točno se odredi, vaka izgleda smešten.

  6. Абе Братчина мој мили имам само ддно да кажам , СПЦ ја од-купи Охридската Арх. од Цариград , и упорно тој настан го заборавате да го спомнете во сите ваши коментари а и уште еден историски момент е тоа што Охридската Архи. Му ја даде афтокефалијата на Печката Епископија која подоцна прерасна во патриаршија со Св. Сава на чело … и така натака … ве поздравувам

  7. Selam Alejkum. Vi se cudim na svite hristiani , ke se ubijate edni so drugi be. Nie muslimanite , slava neka e na nas prorok Muhamed ne se karamo vake , edno sme po vera. turci albanci arapi svite smo edno a vija se iskaravte tolku godini pominalo vija uste ne naucivte. Mnogo se mrzite megu sebe . Emi togaj i vas bog ke ve ostaj ko ste vakvi a nie ke pobedimo. Alahu ekbar

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *