Почетна Вести Прв семинар на наставниците по „Етика на религиите“
a-9
a-6
a-2
a-1
a-4

Прв семинар на наставниците по „Етика на религиите“

709
0

Бигорскиот манастир викендов беше домаќин на еднодневен семинар во организација на Асоцијацијата на професори по предметот Етика во религиите „Просветление“. Ова е прв ваков настан организиран од Асоцијацијата по нејзиното основањево во февруари 2017година. На него учествуваа професорите кои изведуваат настава за учениците во VI одделение по предметот „Етика во религиите“. Главната тема на семинарот беше позитивни искуства од воведувањето на предметот „Етика во религиите“ во основното образование и постигнување на повисоки резултати во работата со учениците.

-Оваа средба треба да ве поттикне на силно меѓусебно дружење и зближување во Христа. Во светот вообичаено се вели: ’Само добриот тим е тим кој успева‘. Па така и вие треба да сте едномислени и едногласни во своите ставови и барања… Сите што сте овде доаѓате од Богословскиот факултет, од таа, на сите нас особено драга институција, каде што сме се стекнале со знаењето на наука за Божјото Слово, и благодарение на професорите сме го добиле епитетот теолози, богослови. Тоа е големо достоинство и повлекува сериозна одговорност. Впрочем, да не заборавиме дека во историјата на Црквата само тројца светители го носат тоа големо именување: Св. Јован Богослов, Св. Григориј Богослов и Св. Симеон Нов Богослов. Би се задржал повеќе на првиот, на највозљубениот ученик и апостол Христов, кој силно Го засака Христа и кој за време на Тајната Вечера ја беше навалил главата на градите Негови и својата Божествена теологија ја црпеше, љубејќи го Христа; затоа и нему му беа откриени оние возвишени догматски мисли, кои подоцна ги запиша во своето Евангелие… Токму такви треба да бидете и вие: собрани околу Христа, во љубовта Негова, во Неговата прегратка… И постојано да се потсетуваме дека теологијата не е само некакво сувопарно слово или обично схоластичко знаење, туку пред сè учење за љубовта. Затоа пред да се занимавме со теологија, треба најнапред многу да Го возљубиме Бога и да општиме со Него во срцето; дури тогаш ќе можеме на правилен начин да го разбереме Евангелието и целата теолошка наука, предадена нам во наследство од Светите Отци. Тогаш и теологијата ќе ни стане опитна и искуствена, а со самото тоа ќе има духовна моќ да допре до срцето на слушателите. Значи, нашата вера треба да биде дејствителна, секојдневно да ја сведочиме преку дела, и тоа најмногу преку делата на љубовта, посочи Архимандритот Партениј кој го отвори семинарот.

Тој побара веронауката да се издигне на повисоко ниво и нејзина поголема застапеност во државните образовни институции. Но, како што вели за да се постигне тоа, „треба да работиме поорганизирано и тимски. Да не го сфатиме овој собир како една средба која беше и помина, туку и понатаму постојано да контактираме и споделуваме искуства, бидејќи само заедно ќе однесеме победа“.

За важноста на застапеноста на предметот „Етика во религиите“ во образовниот систем, зборуваа и деканот на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, како и претседателот на Асоцијацијата на професори по Етика на Религиите, Отец Бобан Митевски.

Целта на овој семинар беше да се постигне континуирано и професионално усовршување на воспитно-образовниот кадар, подобрување на квалитетот на наставата по наставниот предмет, на методите и пристапите во реализација на наставата, како и во насока за обезбедување одговори на многуте прашања и дилеми со кои се соочуваат професорите и стручна и советодавна поддршка.

Во тоа особен придонес дадоа директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, како и Лилјана Самарџиска Панова, која е советник во истата институција.

На семинарот беше најавена и втората активност на Асоцијацијата – првиот награден литературен и ликовен конкурс по соодветниот предмет на тема: „Св. Климент – живот и дело“, кој треба да се одржи во наредниот период.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *