Почетна Анализа Посетата на рускиот владика – геостратешки офсајд
Посетата на рускиот владика – геостратешки офсајд

Посетата на рускиот владика – геостратешки офсајд

423
0

Негативни политички и религиски последици ќе има посетата на високи претставници на Руската православна црква на Македонската православна црква – Охридска архиепископија(МПЦ-ОА), вели професорот Александар Спасеновски од Правниот факултет.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека не е проблематично сè додека средбите остануваат во црковни рамки.

Спасеновски оценува дека посетата на рускиот владика Антониј на Македонија е непотребен и неразумен излет и негативно ќе влијае и врз стратешките интереси на држава, а може да доведе до нарушување на односите со Вселенската патријаршија.

Посетата доаѓа во време на руска агресија во Украина, која македонската држава ја осуди и застана на страна на Украина, заедно со своите стратешки партнери. Посетата се случува и во време кога Македонската црква чека томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.

Посетата проблематична и за црквата и за државата

Професор Александар Спасеновски, кој важи за добар познавач на односите помеѓу верските заедници и државата, од политички аспект посета ја оценува како стратешки и геополитички офсајд на нашите црковни првенци. Иако Црквата е одвоена од државата, таа има должност конструктивно да го следи правецот во развојот на државата исто како што сите досегашни македонски влади мудро ја следеа и ѝ помагаа на МПЦ, вели Спасеновски.

„Македонија е членка на НАТО, таа гради стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и тоа е наш фундаментален стратешки интерес кој треба да се поддржи и помогне. Посетата на Руската православна црква на нашата држава претставува отстапување од таквиот стратешки интерес и може да предизвика проблеми, како за земјата, така и за самата црква“, вели професор Спасеновски.

Вториот човек на Руската православна црква, владиката Антониј денеска, на 12 јануари одржа заедничка литургија во Македонија со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), Стефан.

Рускиот владика задолжен за надворешни црковни односи и заменик на рускиот патријарх Кирил, претходниот ден беше во посета на седиштето на македонската црква во Скопје. На средбата со македонските владици беа и други црковни лица од Русија, но и рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Бездникин.

Рускиот амбасадор, откако Москва ја нападна Украина на 24 февруари, ретко се појавува во јавноста и нема информации дека се среќава со македонски политичари. Тој по инвазијата единствено се сретна со Левица, политичка партија со двајца пратеници во Парламентот, која отворено е против НАТО, а нивните политички противници ги обвинуваат за блискост со Русија.
Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски вели дека средбата засега се одвива само во рамките на црквата и ако остане во тие рамките, не е проблематично.

„Не мислам дека ја руши државата. Ако црковната дипломатија, за која неспорно знаеме дека ја користи рускиот претседател Путин, како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина и да ги оправда оние ѕверства што ги прави таму, тогаш јас тоа не би го поддржал, но до овој момент мислам дека средбите беа само во рамки на Црквата, и се разговараше само за црковни прашања“, рече Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето на настан организиран од Советот на амбасадорите.

Владиката Антониј по средбата со раководството на МПЦ кусо изјави дека дошол во Македонија за да пренесе братски поздрави и честитки за именденот на поглаварот на МПЦ, Стефан, кој се одбележува на 9 јануари. И од МПЦ-ОА рекоа дека средбата била пријателска и по повод именденот на архиепископот Стефан и Божиќ.

„Сето тоа беше еден пријателски разговор околу признавањето на МПЦ-ОА од страна на РПЦ и за понатамошна соработка“, изјави владиката Тимотеј, кој е и портпарол на МПЦ.

Посетата не беше најавена ниту од МПЦ-ОА, ниту од Руската православна црква. Но, Руската црква на својот веб сајт по средбата информираше дека владиката Антониј и други руски црковни лица биле во посета на Македонија. Истото соопштение на социјалните мрежи го пренесе и Амбасадата на Русија во Македонија, надополнето со фотографии од средбата.

Дел од бугарските медиуми, пред средбата, повикувајќи се на црковни извори, објавија дека Антониј доаѓа во Скопје да ги убедува македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со Руската православна црква. Тие потсетија и на тоа дека Антониј во декември минатата година во Софија имал „тајна“ средба со бугарскиот патријарх Неофит по која, како што посочуваат, Синодот на Бугарската православна црква (БПЦ) одлучи да го признае томосот на Српската православна црква за автокефалноста на МПЦ-ОА. БПЦ тоа го стори на 14 декември 2022.

Руската православна Црква и Вселенската патријаршија не се во добри односи од 2019 година, кога Православната црква на Украина беше официјално призната од Цариградскиот патријарх Вартоломеј, кој е духовен поглавар на заедницата на православни христијани која брои повеќе од 300 милиони следбеници. Повеќе од три века Украинската православна црква беше под контрола на Руската црква.
Посетата на руската црковна делегација доаѓа во време кога Македонската црква очекува томос од Вселенската патријаршија за автокефалност. По повеќе од половина век минатата година МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од Српската православна црква. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква.

Руската православна црква лани на 25 август ја призна македонската, како автокефална сестринска црква.

Дали ќе се нарушат односите со Вселенската патријаршија?

Владиката на МПЦ, Тимотеј, рече дека на средбата не разговарале за томосот што се очекува од Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Професор Спасеновски вели дека од црковен аспект, оваа посета претставува неразумен изглед со кој МПЦ ризикува да ги наруши односите со Вселенската патријаршија.

Тој потсетува дека после многу децении, Македонската православна црква во 2018 година започна постапка пред Вселенската патријаршија и минатата година таа ја прими МПЦ – Охридската архиепископија во канонско единство.

„Одлуките на Српската црква и на Руската црква претставуваат последица на ваквата историска одлука на Вселенската патријаршија од 9 мај. Во спротивно, се поставува прашањето: зошто овие одлуки на СПЦ и на РПЦ не се случија да речеме 50-тина години порано или 50 години подоцна, туку се случија откако Вселенската патријаршија ја зема нашата црква во својата прегратка“, вели Спасеновски.

Последната посета од страна на Руската православна црква, на висок ранг, на Македонија била во 2015 година, кога во посета дојде Иларион Алфеев, кој тогаш беше шеф на руската црковна дипломатија.

Антониј е заменик на Кирил, кој ги „благослови“ воените напори на Русија во Украина

Владиката Антониј, кој ја посети Македонија, му е заменик на поглаварот на Руската православна црква, 75 годишниот патријарх Кирил. Тој пак е истакнат поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин. Тој ги „благослови“ воените напори на Русија во Украина, а претходно тврдеше дека Русите правеле „херојско дело“ со тоа што убивале Украинци.

Кирил на целосната инвазија на Русија врз Украина која започна во февруари 2022 година, гледа како на бедем против декадентниот Запад и инсистираше на тоа дека „Русија никогаш не нападнала никого“.

Патријархот Кирил на 25 септември 2022 година им кажуваше на своите следбеници во Русија дека „жртвата во извршувањето на вашата воена должност ги измива сите гревови“.

Во јуни минатата година патријархот Кирил беше опфатен од санкциите на Велика Британија поради неговата истакната поддршка на руската воена агресија врз Украина, кој предвидуваа замрзнување на имот, забрана за работа со британски банки или компании и забрана за летање во Британија. Руската православна црква ги отфрли санкциите против Кирил како „апсурдни“.

/Радио Слободна Европа

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *