Патријархот српски Порфириј испрати писмо до папата Лав XIV, претседателот на Русија Владимир Путин, претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, претседателот на Франција Емануел Макрон; премиерката на Италија Ѓорѓа Мелони, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер и канцеларот на Германија Фридрих Мерц; како и до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и генералниот директор на УНЕСКО Халед ел Енани, во кое ги повикува светските лидери да го употребат својот авторитет за властите во Приштина да ја прекинат примената на, како што наведува, крајно дискриминаторскиот закон за странци.
Патријархот Порфириј предупредува дека примената на овој закон не би го довела во прашање само функционирањето на универзитетот во Косовска Митровица, основните и средните училишта во кои српските ученици се образуваат според програмите на својата држава, како и работата на целиот здравствен систем во кој се лекуваат Србите од Косово и Метохија, туку и самиот опстанок на српскиот народ и православните светињи во регионот.
Според него, примената на законот би значела дека Србите би ја изгубиле можноста за образование и здравствена заштита, а вработените во образованието и здравството би останале без работа. Тоа, предупредува патријархот, би можело да доведе до уште помасовно – ако не и конечно – иселување на православните Срби од оваа, како што ја нарекува, вековна христијанска земја.
Во писмото се наведува дека на просторот на Косово и Метохија и денес постојат околу 1300 православни цркви, манастири и други христијански свети места, од кои дел во минатото биле уништувани. Патријархот потсетува дека на едно место во Европа нема толкава концентрација на христијански светињи, при што четири од нив се на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.
Патријархот Порфириј нагласува дека Српската православна црква останува посветена на изнаоѓање мирно решение и дека очекува и од српските власти да направат сè што е можно за да се најде компромис.
„Човечките животи се најголема светиња и должни сме да ги чуваме“, порачува духовниот водач на православните Срби.

