Патријархот на Српската православна црква Порфириј Периќ се споменува во правосилна судска пресуда како една од клучните личности поврзани со прогон на свештеникот Жељко Лубарда. Спорот бил воден пред Вишиот работен и социјален суд во Љубљана поради надомест на штета за мобинг, а по тужба на поранешниот свештеник Лубарда. Во овој спор Лубарда добил отштета од 13.000 евра, а правосилноста на пресудата ја потврдил и Врховниот суд на Словенија.
Нова.рс ја објави пресудата што ја донел Работниот и социјален суд, а која подоцна ја потврдиле и Вишиот работен и социјален суд и Врховниот суд во Љубљана.
Пресудата и решението на Вишиот работен и социјален суд во Љубљана датираат од 9 јануари 2020 година и претставуваат одлука на второстепениот суд, кој го потврдил најголемиот дел од пресудата на првостепениот суд, со делумна измена во делот што се однесува на трошоците на постапката. На оваа пресуда тужената страна, односно црковната структура под надлежност на патријархот Порфириј, поднела жалба, но Врховниот суд како највисока инстанца ја потврдил пресудата и ја отфрлил ревизијата на Српската православна црква.
Оценка на судот
Работниот и социјален суд утврдил повеќе дејствија кои претставуваат мобинг и кои се случувале во периодот од 2014 до 2017 година, додека Лубарда бил вработен во Црковната општина во Љубљана.
Според судот, тужителот бил исклучен од рамномерната распределба на прилозите од верниците, бил ставен во полоша финансиска положба, а неговата плата не била усогласена со одлуката на митрополитот (во тоа време митрополит загрепско-љубљански бил Порфириј), што довело до пониска нето-плата од договорената.
Му била укината месечната финансиска помош од 500 евра иако бил во тешка финансиска ситуација. Платите често му биле исплаќани со значително задоцнување.
Судот утврдил дека митрополитот му го отежнувал пристапот и комуникацијата. Лубарда бил обвинет дека со поднесување кривична пријава ја „посрамотил“ Српската православна црква и му било кажано дека може да очекува преместување.
Забрана за учество и сведочење
Му било забрането учество на јавно богослужение во Загреб, а митрополитот му наложил дека не смее да сведочи пред суд без негов благослов или одобрение.
Лубарда најпрво бил преместен во парохијата Ново Место, која била финансиски слаба, а потоа и во Копривница во друга држава. Судот утврдил дека овие преместувања не биле условени од потребите на службата, туку имале субјективен карактер со цел да се изврши притисок тој да ја напушти службата. Откако одбил да биде преместен во Копривница, на 28 март 2016 година му било забрането да ја врши свештеничката должност. Врз основа на вештачење од психијатар, судот утврдил дека Лубарда претрпел психички последици од мобингот, меѓу кои анксиозност, напнатост, чувство на срам и безвредност, нарушен сон и физички симптоми. Кај него бил дијагностициран пореметување на адаптацијата поради долготраен стрес на работното место.
Врховниот суд на Словенија на 16 февруари 2021 година пресудил во корист на Жељко Лубарда, потврдувајќи дека тој бил жртва на мобинг на работното место. Со тоа станала правосилна одлуката црковната општина да му исплати 13.000 евра отштета поради „малтретирање на работното место“, заедно со законска камата.
Покрај отштетата, судот наложил Српската православна црква да му ги надомести и дополнителните судски трошоци за одговор на ревизијата во износ од 892,80 евра, со законска затезна камата.
За потсетување. Државното обвинителство во Љубљана на 12 јануари годинава поднесе обвинителен предлог против патријархот Порфириј поради наводи за мобинг во случајот на свештеникот Жељко Лубарда, кој тврди дека бил изложен на долготраен притисок затоа што одбил лажно да сведочи со цел да прикрие финансиски злоупотреби во црковната каса.
/нова.рс

