Патријархот Филарет остави длабока, но контроверзна трага во украинското православие

Date:

Share post:

Патријархот Филарет, една од највлијателните личности во украинското православие во изминатите децении, почина на 20 март 2026 година, оставајќи зад себе сложено и контроверзно наследство, оценува професорот Сергиј Бортник од Киевската духовна академија на Украинската православна црква.

Според неговата анализа, животот на Филарет бил обележан со два клучни пресврти, кога поради неговата непопустливост се разделил од мнозинството свои соработници и ученици. Додека по 1992 година успеал да формира нова црковна структура – Киевската патријаршија, во обидот за нејзино обновување по 2018 година останал на маргините.

Роден во Доњецкиот регион, Филарет, со световно име Михаил, уште од младост се определил за духовен пат. По завршувањето на школувањето, се запишал на Одеската богословија, а потоа и на Московската духовна академија, каде во 1950 година замонашил.

Тој припаѓал на генерацијата на митрополитот Никодим (Ротов), со чија поддршка во 1960-тите започнал кариера како црковен дипломат, комбинирајќи ја црковната служба со лојалност кон официјалната политика на Советскиот Сојуз. Пред доаѓањето во Киев, служел како епископ во Виена и како ректор на Московската духовна академија.

Како една од неговите најизразени карактеристики се посочува прилагодувањето кон државната политика, дури и во периоди на идеолошки промени. Во времето на Леонид Брежњев, тој ги критикувал црковните дисиденти, додека кон крајот на советската ера се спротивставувал на обновувањето на автокефалното движење во Украина.

По стекнувањето на независноста на Украина, Филарет ја променил својата позиција и станал водечка фигура во автокефалното движење, застапувајќи ја идејата дека „независна држава заслужува независна црква“.

Сепак, неговиот однос кон новоформираната Православна црква на Украина по 2018–2019 година бил обележан со несогласувања. Тој ја сметал доделената автокефалност за недоволна и се обидел да задржи влијание преку поставувањето на митрополитот Епифаниј за поглавар, што не се реализирало во пракса.

Додека во 1992 година со него останале двајца епископи од вкупно 21, до 2019 година Филарет практично останал без поддршка. За неговите поранешни соработници, канонското признавање од страна на Вселенската патријаршија било поважно од личната лојалност.

Иако формално ја носел титулата „почесен патријарх“ во рамките на Православната црква на Украина, во последните години дејствувал самостојно, ракополагајќи свештенство за обновената Киевска патријаршија, чии хиротонии не биле признаени.

Во последните месеци од животот, според Бортник, Филарет веќе немал целосна контрола врз своите постапки. Неговото опкружување составило духовен тестамент, со кој тој се претставува како доживотен поглавар на Киевската патријаршија и не ја прифаќа структурата на Православната црква на Украина. По притисоци од претставници на црквата и државата, дошло до формално помирување со дел од поранешните ученици.

Професорот заклучува дека Филарет бил значајна фигура во црковниот и политичкиот живот на Украина во изминатите шест децении и дал придонес во процесот на автокефалност. Но, во исто време, посочува дека неговиот живот и принципи често биле во спротивност со евангелската порака: „Моето царство не е од овој свет“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img