Митрополитот Хризостом од Месинија во своја анализа оценува дека новиот патријарх на Грузија ќе наследи значајна црковна, општествена и политичка улога, во услови на сложена геополитичка и внатрешна динамика.
Според него, по падот на Берлинскиот ѕид, Грузија, како и многу други држави, го променила својот правец кон поизразено европска и надворешно ориентирана политика, за разлика од претходниот, повеќе затворен пристап. Овој пресврт отворил нова перспектива за иднината, но истовремено довел до појава на две доминантни општествени струи – проевропска и проруски ориентирана.
Овие спротивставени тенденции, како што се наведува, придонеле за нарушување на општествената рамнотежа, а во одредени моменти и за закана по националното единство. Дополнително, состојбата била усложнета со сепаратистичките и автономистичките движења во Осетија и Абхазија, што ја зголемило политичката и општествената неизвесност.
Во таков контекст, Црквата одиграла значајна обединувачка улога. Таа, според архиепископот, делувала како жив организам што активно се вклучува во „работите на овој свет“, придонесувајќи за зачувување на општествената кохезија. Преку промовирање на морални вредности и чувство за национален идентитет, Црквата успеала да го обедини народот, при што ликот на патријархот бил доживуван не само како духовен отец, туку и како симбол на националното единство.
Особено се истакнува улогата на патријархот Илија II, кој во текот на повеќе од шест децении служба, од кои половина век како патријарх, оставил длабока трага во животот на грузискиот народ. Неговото влијание се гледа и во масовното присуство на јавноста при испраќањето на неговото тело, на кое присуствувале и највисоките државни претставници.
Митрополитот Хризостом нагласува дека новиот патријарх ќе треба да ја оправда довербата на верниците, градејќи врз силната религиозност и побожност што ја карактеризираат грузиската традиција. Воедно, тој ќе има и дополнителна национална задача – зачувување на општественото единство во услови на геополитички предизвици.
Во анализата се потенцира дека идниот поглавар треба да ја зачува автокефалноста, автономијата и правата на Црквата, избегнувајќи надворешни притисоци и нејасни амбиции. Потребни се, како што се наведува, јасност во говорот и одлучност во дејствувањето, со насоченост кон доброто на народот, Црквата и државата.
Текстот завршува со оценка дека клучно значење ќе има новиот патријарх да се изгради како духовен лидер и продолжувач на делото на Илија, во служба на единството и стабилноста на грузиското општество.

