Почетна Коментар Од умот си патиме…
Од умот си патиме…

Од умот си патиме…

815
5

Да не се правиме на Тошо: ние сме (демек) народ со определен став (читај желба): тежнееме кон живот во демократско општествено уредување и кон вредности кои се спротивни на политичкото едноумие, сакаме живот во функционални социјални и општествени услови…

Вака кажано изгледа супер, сè додека не изабиш малку од своето време по социјалните мрежи, чисто за да добиеш претстава за реалноста, и да останеш запрепастен кога ќе видиш какви коментари и заклучоци генерира македонскиот ментален склоп. Иако по тие платформи ја имаш онаа народната, малку надградена и проширена, „ако мајка изгубила дете, ќе го најдеш на Фејсбук“, сепак не е нерелевантна сликата што се добива. Од оправдување на руската агресија врз Украина до Западот е лош и без вредности. Нормално, а никој не оди да се прошлае по Црвениот Плоштад и градот на Нева или на море во Сочи, туку сите се загнале на одмори по Шпанија, Италија, некои со подлабоко џепче и по Француска ревиера, па се воодушевуваме на Барселона, Виена, Лондон, Октобар фестовите со колбаси по Германиите, чезнееме да ги видиме Сан Франциско, градот на Ангелите и Холивуд, Големото јаболко и ако може да завршиме со убав и пристоен живот преку Барата, во Австралија или барем во некоја од европските земји. Па извинете, да не одите да ги користите можностите за работа и подобар живот по Русија или со Wizz слетувате во Швајцарија, бившата Чехословакија и нордиските земји, секако некои со помалку можности – се клатиме и здрвуваме возејќи се по 22 часа со нашите превозници кои, повторно, возат кон Запад, не кон Исток? Се воодушевуваме како во напредните демократии функционираат правните системи, како социјалната држава е навистина сервис на граѓаните, има работна и кариерна перспектива, напредно и научно здравство…

Да бидеме реални, не е сè толку розево, има и проблеми и предизвици со кои се соочува западното општество и тоа најмногу се должи на потенцирањето на човекот и неговото чувство и неговите права како врвна смисла и цел, па затоа се компонираат до идеализирање некои нови чудни и неприродни свашта. И тоа го подрива природниот интегритет на човекот. Западните земји станале себични и сакаат да живеат во светот на  комодитетот, кој се потпира на желанијата и настроенијата. Затоа и увезуваат работна сила од земји каде што сиромаштијата и бедата на животот тераат кон трагање по поинаква перспектива. Империјализам по ново: не одат да ги освојуваат земјите од третиот свет, овие самите доаѓаат кај нив. Навистина, западниот свет е жртва на својот комодитет. Но, кај нив ова е реалност, кај нас неостварена желба.

Но, да се вратиме на вредностите – Дали се понеморални од нас? Ај да видам дали некој прв ќе фрли камен… Ми кажа деновиве една пријателка која живее во Европа, како во училишниот систем се воведува учење и запознавање со содржини кои значат дегенерирање на човекот и вредностите какви што ги знаеме. Таа тоа го опиша како наметнување. Ѝ реков: „Не е наметнување – за тоа општество, градено во тој дух, е веќе нешто нормално, за тебе, за мене, воспитувани и образувани по друг терк, не е… Но, да се разбереме – ние одиме кај нив и ги уживаме плодовите на нивниот прогрес и до утре може да се расправаме со некој геј кој како ја сфаќа љубовта“ И причата ни се продолжи и дојдовме до заклучокот дека едноставно нема да успееме да се буниме против нештото за кое некој се определил, но да се потрудиме на нашите деца таму да им ја предочиме реалноста, да ги научиме дека ќе мора да живеат со неа, но дека не мора лично да станат дел од неа. Да ги научиме дека треба да ја почитуваат сечија слобода – па нели е тоа верски императив, но не треба да го последуваат сечиј избор. Да ги научиме дека треба да комуницираат и имаат дијалог со секого, а да си го бранат и своето право на став. Да ги воспитаме дека постулатите на верата не може се наметнуваат некому, дека живееме демократија не технократија. Не заговарам западна идеологија, ама не сум бе слеп пред нечија очигледна непостојаност. И ај не се правите луди и не ми велете дека не знаете што сè се случува по „приватноста“ на нашите домови, хотели, забави, што имате по телефоните и во search history на лап топите … Ако почнам да набројувам, ептен ќе ја изгуби пристојноста текстов… И да – за неморалноста зборував: навистина, кај нив може има повеќе вакви или онакви права, но има помалку корупција, криминал, обложувалници и казина, а има повеќе култура, уметност, средени паркови и зоолошки, базени и перспектива за спорт, убави и чисти автобуси и секаков превоз (не само фиктивен трамвај по Партизанска), права и можности за луѓе со телесна попреченост, услови за лекување и згрижување на деца со разни и ретки болести, повеќе се вреднуваат трудот и знаењето… Некој ни е виновен и оправдувањето ни е дека некој не ни дозволува да се развиваме? Аха, баш. „Од умот си патиме’, што би рекле мангите на Широк Сокак.

Да завршам со п.с.! Оваа, гореспомнатата национална слика, се сретнува во сите пори на нашето општество. Па да, дури и меѓу црковниците. Ете и Прецедникот ѝ го посочи тоа на очиглед на јавноста. Секако, не случајно. Периодов, дури и неколкумина аналитичари многу директно го изложија своето професионално мислење: МПЦ станува инструмент на руската надворешна политика на Балканот и во овој дел од Европа. И овие предупредувања мораат да го вклучат (веќе не го вклучиле?!) алармот на македонските безбедносни и политички институции, а и на амбасадите на западните демократии.

И не може некој или некои од црнорисци (чест на исклучоците, ваљда ги има), што немаат допир со реалност или од секакви можни причини, најчесто зелени, да изиграваат националисти, прикривајќи го на тој начин немањето видливи дела на верски и социјален план. Па стануваат инструмент на еден назаден меинстрим кој од монархија премина во болшевизам, а сега глуми побожна демократија со империјалистички претензии по основ на некакви историски и територијални права. И аналитичарите се во право, зашто со сигурност го слушнале истото што и јас – како што тоа во една прилика го опишал еден владика на мој френд: „ќе ви се згади од оправдувачките ставови за руската агресија на некои од браќата!“ Тоа се тие некои браќа кои често ги слушаме како место вера, што е нивна работа, продаваат национализам, што не е нивна работа, па приповедаат како сè некој ни зема нешто и врши агресија над нас, ама важно руската елита имала право да си ги брани идеалите на империјализмот. А утре ако некој соседен тргне на Македониичкава по истото руско сценарио на продавање магла дека некоја нација неоправдано реално и историски постои, дека како соседна земја продуцира фашизам, е тогаш ќе бараме правда и ќе се правиме жртви. Да де, како и секогаш – лично за нас е друго, а за другите ќе им смислиме поинаку. Ние сме земја – дел од  НАТО алијансата, верувам секому му се јасни безбедносните, па и економските придобивки од тоа членство, и се спротивставувамe на нечија неоправдана агресија кон суверена држава. Мнозинството од народот и државата се одлучиле за што се и нема простор, ниту треба да има толеранција за поинакви постапки. Да, не за таквите кои се спротивни на државните и националните интереси во моментов, а кои се плод на сервилноста и поматеното резонирање на некои аздисани црковници. Па уште вели некни на интервју еден од нив, познат trouble maker: „Имам право, имам слобода!“ Се сеќавате, беше овде пред извесно време, патем дознавме од соседни медиуми, истурениот инструмент на руската надворешна политика, затскриен во својот црковен пандан, оној, кои ватрените патриотишта го нарекоа по фејс: „царју и гасударју“ (леле што трпи земјава!). Бидејќи неприличело да биде одбиен, дури ни во дипломатски манир, во таа прилика од МПЦ изјавија дека дошол од култура (илјадници километри и трошејќи толку ресурси во време на воена потреба?!) само за да честита некаков повод и дека си зборнале за идна можна соработка. Клучно во изјавата – демек ништо не кажува, а кажува многу. И оп, менување на наративот кај некои од нив, па декларации, па објави за име, па одлуки за Украина, па во интервју одговор округло па на ќоше прашање на осуда на руската агресија… ќе помине летово, се ближи септември, а за тогаш се најавува уште некое „па“ во набројувањето од љубовната врска со РПЦ. Па не без причина ги посети Анжи од Калето на два пати, само што баќушка Серџо почесто си ручка по манастирите и резиденциите.

Не повикувам на распнување, ама удри ги тие некои од нив што аздисале, Државичке, по парите, доволно ќе е – тој род само така се убедува и оп – веднаш се прилагодува.

Пишува: Алтер Его (авторот познат на редакцијата)

Коментар(5)

  1. Авторот на овој текст нешто не разбрал: недостижна е Русија за македонскиот просечен турист, а не непривлечна. Влезниците за дворците, музеите и другите значајни знаменитости се толку скапи, што и мојот релативно богат сосед со една малтешка и една добра британска пензија се пожали. А просечниот Македонец, со исклучок на оние што дипломирале на некој од универзитетите на Руската Федерација, не е конкурентен на рускиот пазар на трудот. Ако просурфате на огласите за работа кај нив, ќе најдете дека една руска гувернанта (со плата не поголема од 1000€) е многу пообразувана од еден македонски дипломат (мора да владее – а кај Русите тој збор означува сериозно знаење и исклучително висока писменост – неколку светски јазици, да има дипломи од два-три несродни факултети итн.). Огромен е бројот на високо образувани странци коишто го изучуваат рускиот јазик и се трудат да станат граѓани на Руската Федерација (што е многу тешко, исто, ако не и потешко, како да станеш граѓанин на ЕУ со пасош од некоја од третите земји, на пример со македонски: ги задржуваат само исклучително умните и талентираните). Огромен е и бројот на странски студенти коишто се школуваат на руските универзитети (меѓу нив и млади луѓе од Македонија, коишто Руската Федерација ги стипендира, и добиваат бесплатно образование а одлични знаења и ценети дипломи со кои се вработуваат каде што ќе посакаат во светот, зашто тоа не се дипломи за претурање од шупливо во празно, како што се самонадуените западни факултети за општествени науки коишто претежно регрутираат идни агенти во матичните општества на кои дипломираат нашите младинци за да се вратат дома и да продаваат неолиберализам и да им слугуваат на оние коишто лесно ни ја поробија земјата – туку со конкретни, егзактни вештини и знаења од животно значење; еден од потешките факултети во Русија на пример е еден технички факултет за спасители (препорака за кадрите на Стојанче Ангелов, на пример) кој опфаќа комбинација од високо ефикасни телесни обуки, технички и природни науки, а создава кадри за справување со елементарни непогоди, настани од индустриски и сообраќаен ризик, пожари, епидемии и сл.). Меѓу другото, Македонците како малку неизживеан народ во смисла на патување по светот набрзо ќе се заситат од тие западни прошетки и авантури. Народот добро ги сфаќа последиците од напливот на неолиберализмот и особено фактот дека би можел лесно да ја изгуби Татковината. А и гледа дека се’ што лета не се јаде. Само површен човек кој не знае за друго освен за удобност и телесен спокој може да се восхитува на модерниот западен тоталитаризам и да поттикнува на млакост и еластичност, на загуба на личниот интегритет, на бесмислени компромиси, и тоа во време кога Западна Европа е во сериозна економска криза. Многумина наши денес одвај преживуваат со европските плати таму каде што заминале да работат и да “го уживаат” европскиот сон. Не си играјте со нервите на читателите!

  2. “Многумина наши денес одвај преживуваат со европските плати таму каде што заминале да работат…” Аха… Сигурно… И во Јурумлери пред некој ден виделе вонземјани. Ама кријат на вести овие масониве и не кажуваат за тоа.

  3. Дегутантно е што дискусијата ја спуштаме на ова ниво, но со оглед на пропагандниот тон на целиот текст ќе си дозволам да објаснам: во Јурумлери не сум била, но од 2017 до крајот на ноември 2022 претежно престојував на Запад, работев таму некои две години, безмалку сите од моето потесно семејство живеат и работат таму, а во последно време имаме и соседи од Македонија и од Србија. Србите веќе заминуваат во друга западна земја (нивното осумгодишно дете одново ќе мора да учи друг странски јазик и да се вклопува во ново училиште, соседите Македонци тешко преживуваат, цените се вртоглаво високи, давачките се умножуваат, а платите останаа исти како во 2017). Некои добри брендови со попопуларни цени се иселија, а на нивно место дојдоа неверојатно скапи, со разлика којашто е повеќе стилска, прашање на вкус, одошто квалитетна, но се недостапни за просечниот купувач. Оваа состојба трае и се влошува постојано од Covid-19 кризата наваму. Додека повеќето ЕУ влади ја вооружуваат Украина и купуваат скап американски течен гас, знајте дека буџетот го полнат од џебот на широките народни маси, на вработеното население. Инфлацијата е далеку поголема од официјалните информации, така што ние во Република Македонија сме лошо информирани и за нашата и за нивната економска ситуација. Храната е енормно скапа. Можеби во Германија се’ уште не се чувствува толку драстично кризата (не знам, јас секогаш зборувам од опит), но во останатите ЕУ земји е така. Огромни маси економски емигранти, вклучително и балкански, се движат од една земја во друга, веќе неколку години живеат во голем стрес, трагајќи по постабилна општествена клима. Меѓу нив голем број Шпанци и Италијани, кои имаат предност при вработување пред нашите, пред Азијатите и Африканците. Приватни агенции циркулураат во азиските земји и ветувајќи добра работа им продаваат привремени работни дозволи на сиромашни, невработени млади луѓе дури и за 18000 €, а кога Азијците ќе ги видат трошоците за живот штом ќе пристигнат се борат да преживеат додека не се упатат кон дестинација за која чуле дека е посреќна. Само тие што имаат некаков мал капитал можат поспокојно да се прилагодуваат или да се обидат да сменат нешто. Приливот на работна сила е огромен, што значи дека странскиот дојденец без ЕУ пасош постојано виси на конец заради девизата на работодавците која постојано струи во воздухот ‘никој не е незаменлив’ и заради односот на работодавците кон овие луѓе кој е далеку од коректен (чест на совесните исклучоци!). Тоа е реалноста, без многу да ги чепкаме шегите за масоните. Треба да се знае.

  4. Цитат од текстот – “Мнозинството од народот и државата се одлучиле за што се и нема простор, ниту треба да има толеранција за поинакви постапки.“- ова е лага! 660 000 не може да биде поголемо од 910 000 гласачи! Народот си го кажа мислењето за членство во нато и еу и тоа беше НЕ! ама , да се потсетиме- америчкиот амбасадор Џес Бејли, ровареше по парламентот и судовите во 2016-2017 и виткаше раце одпозади грб на пратеници за да се згази вољата на народот! генерално, первертирањето на вистината е главна алатка на современата „западна“ хегемонија! Ако сака Авторот на текстот да одговори : што претставува за него Мајдан 2014 и Одеса 2014? Демократија ? Владение на правото? Легитимност? Како за 150 + жртви во 2014 година нема никаков коментар? Оти западната власт , да се потсетиме, сето тоа фино го организира, одобри и изведе! Истото беше во Југославија, Либија, Ирак и Авганистан! И сега , запрепастеност, како Русија реагирала ? Епа, ако некој тепа Руси, треба да знае дека Русија ќе му дојде дома! За разлика од некои „ банана власти“.

  5. Вчера да умрев немаше да знам дека нашинците почнале од Запад да се селат во Русија по подобар живот. Не е само економскиот мотив… Веројатно за Запад дополнително се соочуваат со страшни притисоци од тоа масонско лоби, па масовно одат во земјата на слободата и економско-социјалниот рај – (по)мајка Русија.
    “Пламене зоре буде ме из сна…” или “One way ticket to the moon”… Сеедно. Принципот е ист, а се друго се нијанси (исклучиво на сиво).

    Да не заборавам,
    Симнувањето на вонземјаните во Јурумлери и прскањето со ковид од НАТО авионите се уште останува добро чувана тајна. Затоа сега новиот руски император и неговиот снисходлив патријарх ќе воспостават нов свет… Руски, се разбира.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *