Почетна Анализа Народни верувања: Грозје за душа прв пат се берело и јадело на Преображение
Народни верувања: Грозје за душа прв пат се берело и јадело на Преображение

Народни верувања: Грозје за душа прв пат се берело и јадело на Преображение

791
0

Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување следиме повеќе слоја на народната култура.

Марко Китевски - Фолклорист
Марко Китевски – Фолклорист

Фолклористот Марко Kитевски пишува дека на Преображение прв пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата. Светата црква го востановила празникот Преображение Господово, кој се празнува секоја година на 19 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица.) На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.

Треба да се истакне и тоа дека Преображението Христово на планината Тавор се случи непосредно пред неговите страдања. Според некои, овој настан се случил точно четириесет дена пред да пострада, односно пред да биде распнат. Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат учениците во верата дека Тој е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Според ова тврдење и Преображението треба да се празнува заедно со Велигден или непосредно пред него. Но бидејќи тоа време се совпаѓа со велигденските пости, кога не се празнува торжествено, празникот е пренесен. Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот на Воздигањето на чесниот крст (14 септември), кој е како Велипеток. Зборот значи менување на формата бидејќи Христос во тој момент ја промени формата со одредена цел. „Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими ништо што го немаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на своите ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за преображение, мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, кое го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.“

Според народното верување, тогаш прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

grozjeСо Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Kон неколкуте приказни што се раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, K. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и и вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Kој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклците, дури не ѓи искршиле“.

preobrzenjeИнтересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобр’же’јне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобржејне си одет штркојте и ластојците. K’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Kитевски пишува дека очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на нашиот народ па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

ПРЕОБРАЗБА НА ПРИРОДАТА

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките. Марко Цепенков забележал дека на овој празник се зајадувало грозје, а за тоа пишувал и Kузман Шапкарев.

„До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Kумановско на овој ден прв пат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето, каде што се береле неколку убави гроздови, кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *