Почетна Репортажа Најсветиот храм на христијанството го чуваат две муслимански семејства
Најсветиот храм на христијанството го чуваат две муслимански семејства

Најсветиот храм на христијанството го чуваат две муслимански семејства

696
0

Црквата на светиот гроб во Стариот град на Ерусалим е најсветиот храм на христијанството. Се верува дека гробот што се наоѓа во карпа, во срцето на црквата е местото каде што некогаш било положено телото на Исус Христос.

Неодамна, прв пат во неколку векови, тим од конзерватори и истражувачи отстранија мермерна плоча што лежеше во ротонда, позната како Едикула, во центарот на комплексот. Тоа е местото, како што изјави Вилијам Бут кога започна проектот за реновирање, „каде што милиони верници клечеле и се молеле, каде што солта од солзите и влагата од потта го измазнувале и го нагризувале најцврстиот камен“.

veti grobПосле неколкучасовно внимателно истражување, тимот откри, како што верува, легло од варовник, каде што можеби бил погребан Исус. „Нешенел џиографик“ имаше ексклузивен пристап до проектот и објави фотографии и снимки од тие обиди.

„Јас сум апсолутно вчудовиден. Колената ми се тресат малку, бидејќи не го очекував ова“, беше објавено на веб-страницата на изданието, каде што е цитиран Фредрик Ибер, ангажиран археолог на „Нешенел џиографик. „Не можеме да кажеме 100 проценти, но како видлив доказ е тоа што локацијата на гробот не е сменета со текот на времето, нешто што научниците и историчарите се чудеа со децении“. Тие повторно го запечатија гробот во оригиналната мермерна облога.

Ќе продолжи дебатата дали тоа е вистинското место на најпознатото распнување, погребување и воскреснување во религијата. Без оглед на потеклото на приказната – што, сепак, доведе до оригиналната изградба на црквата пред околу 1.600 години – сега е поставена во вековите на вистинската историја.

БУТ НАВЕДУВА БРЗ СИНОПСИС:

Денес местото оддава побожност, но историјата знае дека е натопено во крв. Над местото биле подигнати најмалку четири христијански капели. Првата била од страна на царот Константин во 4 век, кој отстранил пагански храм што Адријан го изградил на божицата Афродита – можеби потег на Рим да ги лиши раните христијани од место за богослужба. Светиот гроб бил спасен од муслиманскиот освојувач Омар во 638 година; уништен од египетскиот калиф Ал Хаким во 1009 година; обновен од крстоносците кои заклале половина од градот; повторно заштитен од страна на муслиманскиот освојувач Саладин и повторно опустошен од страшните Хорезмиски Турци, чии коњаници јавајќи влегле во црквата и ги отсекле главите на монасите кои се молеле.

И кога светот околу верскиот комплекс не бил згрчен во хаос, тензиите меѓу верниците кои држеле богослужби често зовривале. Црквата со векови ја делеле шест стари христијански заедници – латинската (римокатоличката), грчката православна, ерменската апостолска, сириската православна, етиопската православна и египетските Копти.

Споровите меѓу овие секти за споделување на црквата предизвикуваа престрелки и улични безредија. Низ вековите, свештеници од различни редови се бореле за ритуалот на поништување на чекори, ставањето килими пред олтарите, па дури и правото на одење во поворка во Едикула.

„Ривалските групи на верниците се бореле не само со тупаници, туку со распетија, свеќници, гралови, лампи и кандила, па дури и делови од дрво кои ги корнеле од светите храмови“, пишува историчарот Орландо Фигес, кога упатува на посебно жестоката битка помеѓу православните и католичките свештеници во 1846 година. „Борбите продолжувале со ножеви и пиштоли прошверцувани во Светиот гроб од верниците од двете страни“.

Непријателствата траат до денес и ги спречуваат мошне потребните поправки и структурни реновирања на местото. Во 2009 година избувна крвава тепачка меѓу ерменските и грчките православни свештеници и доведе црквата да биде преплавена од израелската специјална полиција. Други понови инциденти се резимирани од страна на блогер во тоа време:

– Во 2002 година, коптски монах, чија работа била да седи на покривот за да ги изрази претензиите на Коптите за етиопскиот дел од покривот (!) го преместил својот стол на сенка. Етиопјаните се спротивставиле на тоа и избувнала тепачка поради која 11 монаси завршиле во болница.

– Во 2004 година, православен монах, наводно, ја оставил отворена вратата на францисканската капела по една поворка. Францисканците го сфатиле тоа како знак на непочитување и биле извршени неколку апсења по настанатата тепачка со тупаници.

– Во април 2008 година, на Цветници, избувнала уште една тепачка откако православен монах бил исфрлен од зградата. Кога пристигнала полицијата за да ја запре тепачката, монасите тргнале по нив, исто така.

Минатата година „Вашингтон пост“ одблиску ги следеше тепачките што избувнаа меѓу монасите и гледачите кои го набљудуваа Чудото на благодатниот оган.

Немирниот карактер на тие ривалства доведе до повеќе љубопитно, уникатно уредување што датира од 12 век: веројатно уморните арапски моќници им довериле на две муслимански семејства да бидат вратари на црквата. Семејството Џудех го чува клучот, додека семејството Нусибех ја отвора вратата на црквата секое утро и ја заклучува во вечерните часови.

Во интервју за Си-ен-ен минатата година, Адиб Џудех, сегашниот чувар на клучот – стар предмет од леано железо, долг околу 30 см – смета дека наследената задача на неговото семејство е метафора за верска толеранција.

„За мене, изворот на коегзистенција за исламската и христијанската религија е Црквата на светиот гроб“, вели тој.

Неговиот колега, Ваџих Нусибех ја опиша важната улога на овие две муслимански семејства во Ерусалим за „Сан Франциско кроникл“ во 2005 година.

„Како и сите браќа, тие понекогаш имаат проблеми“, рече тој, мислејќи на раскараните христијански секти. „Ние им помагаме да ги решат нивните спорови. Ние сме неутрални луѓе во црквата. Ние сме Обединетите нации. Ние помагаме да се зачува мирот во ова свето место“.

/Вашингтон пост – превод: УТРИНСКИ ВЕСНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *