Почетна Политичка теологија На Велигден промовиран учебникот „право и религија“
На Велигден промовиран учебникот „право и религија“

На Велигден промовиран учебникот „право и религија“

302
0

Во издание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на германската фондација „Конрад Аденауер“, излезе од печат учебникот „Право и религија“, од авторите проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска и проф. д-р Александар Спасеновски, од катедрата по уставно право и политички систем.

Учебникот е прво дело од оваа област како на факултетот, така и во државата. Неговата содржина ќе се изучува на истоимениот предмет кој од неодамна се воведе на Правниот Факултет по иницијатива на Каракамишева и Спасеновски. Рецензенти на ова капитално дело се професорите д-р Гоце Наумовски од катедрата по Римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и д-р Митко Б. Панов од Институтот за национална историја.

Според проф. Каракамишева-Јовановска, основната цел на овој учебник е подетално и поконкретно да се проучи врската помеѓу правото и религијата како два клучни општествено-политички феномени. Тие меѓусебно се до толку испреплетени, што според бројни параметри дури и зависат еден од друг. Меѓусебната зависност и испреплетеност се согледува во фактот што правото и религијата имаат за цел да ја конституираат, а според одредени сфаќања и да ја „врамат“ човековата свесност во сите сфери од приватниот и јавниот живот. Правото и религијата имаат идентична основа врз која се засновани. И двете функционираат во согласност со принципот на граѓанска послушност, и двете инсистираат на лидерството и поредокот. Освен овие заеднички елементи, како заеднички принцип им се одредува и моќта, која е директно заинтересирана да ги стави под контрола, да ги навигира, да ги детерминира и да ги користи за свои потреби.

„Факт е дека религијата е вградена во темелите на сите модерни правни системи кои егзистираат во бројни држави, почнувајќи од оние на Средниот Исток, преку Африка, Европа, до Латинска и Северна Америка и Азија. Колку и како религијата извршила влијание врз правото на одделните правни системи е прашање на кое аналитичарите можат да дадат прецизен одговор. Секако, и обратната релација е мошне интересна и важна – колку правото и воспоставените правни системи извршиле или вршат влијание врз дообликувањето на религијата и на религиозните субјекти и правила“ – констатира професорката.

Според проф. Спасеновски „Право и религија“ е шестиот учебник што авторите го издале досега како резултат на континуираната и долгогодишна соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Тој напоменува дека до сега, како дел од овој мегапроект, тие ги издале и учебниците: „Политички партии и интересовни групи“, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Political parties and interest groups“, во 2016 година; „Современи политички системи“, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Contemporary political systems“, во 2018 година, како и учебникот „Парламентарно право“, во 2019 година.

Учебникот „Право и религија“ е составен од два  дела кои содржински се поделени во 4 посебни глави.

Во првиот дел од учебникот авторите го проучуваат уставно-правниот статус на религијата преку детално објаснување на трите клучни модели за односот меѓу религијата и државата: моделот на религиска држава; моделот на државна религија и моделот на одвоеност на државата од религијата – секуларизмот.

Во следното поглавје, авторите навлегуваат во подетално проучување на слободата на вероисповест преку анализа на најважните меѓународни документи на ООН и на Советот на Европа што ја уредуваат содржината, концепцијата и начинот на заштита на слободата на вероисповест.

Важен дел од учебникот е оној посветен на анализата на македонскиот уставно-правен статус на религијата и на слободата на вероисповест, од 1945 до 1990 година, како и од 1991 година до денес. Во овој дел авторите детално ги проучуваат сите уставни решенија посветени на религијата и слободата на вероисповест во Народна и во Социјалистичка Република Македонија. Следниот дел на ова поглавје, пак, е посветен на анализата на статусот на религијата во периодот на осамостојувањето на Република Македонија како независна држава.

Фокусот на анализата е ставен на Уставот на Република Македонија од 1991 година, соодветните закони што се однесуваат на верските заедници од 1997 и од 2007 година, како и други законски решенија. Посебен интерес авторите покажуваат кон одлуките и решенијата на Уставниот суд посветени на оваа материја, како и актите за заштита од верска дискриминација, правото на приговор на совеста, изучувањето на веронауката, местото на образовните институции на верските организации како и статусот на актите на верските организации. Од посебна важност на ова поглавје, исто така, е и анализата на институционалната рамка што се однесува на заштитата на слободата на вероисповест, која е детално разработена. На крајот од учебникот дадени се одлични заклучни согледувања каде на синтетизиран и заокружен начин авторите ја презентираат целата материја уредена и анализирана во учебникот.

На крајот, авторите потенцираат дека со реализацијата на оваа идеја, освен што се осовременува наставната содржина на Правниот факултет, се влијае позитивно и врз студентскиот стандард, со оглед дека учебникот студентите го добиваат потполно бесплатно.

Сите заинтересирани книгата „Право и религија“, може да ја добијат на Правниот факултет или да ја преземат во електронска форма на официјалната интернет страница на германската фондација „Конрад Аденауер“.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *