Митрополитот Михаило, поглавар на непризнаената Црногорска православна црква, упати официјална претставка до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во која се обраќа со канонска и пастирска загриженост за положбата и иднината на православието во Црна Гора.
Во документот, кој е доставен до Фанар, митрополитот ја изложува позицијата на Црногорската православна црква и бара Вселенската патријаршија да го разгледа прашањето за нејзиниот канонски статус, во контекст на историското и црковното наследство на Црна Гора. Тој нагласува дека обраќањето е израз на доверба во улогата на Вселенскиот Патријарх како прв меѓу еднаквите и како конечна инстанца за решавање сложени црковни прашања во православниот свет.
„Ова писмо, Ваша Светост, ве молиме да го разберете и како официјален апел и како наша формална петиција за отворање сериозен, канонски и историски заснован дијалог за статусот на Црногорската православна црква… Во овој дух, со синовска посветеност апелираме на Вашата татковска грижа, стремејќи се кон целосно, јасно и несомнено канонско единство со Вселенската патријаршија. Цврсто веруваме дека под Вашиот свет омофор, преку мудра и праведна примена на неотуѓивите прерогативи на Мајката Црква, може да се постигне трајно и стабилно регулирање на нашиот статус во семејството на православни цркви, во согласност со редот на древните и современите патријаршиски акти“, стои во писмото на Михајло.
Митрополитот Михаило укажува дека долгогодишните тензии и спорења околу црковната јурисдикција во Црна Гора создаваат длабоки поделби меѓу верниците и ја нарушуваат црковната мисија. Според него, неопходен е пастирски и канонски пристап кој ќе ја земе предвид историската реалност, духовните потреби на верниот народ и принципите на православната еклисиологија.
Во претставката се истакнува и дека Црногорската православна црква не бара конфронтација, туку решение што ќе води кон црковен мир, надминување на поделбите и воспоставување на јасен и стабилен канонски поредок. Митрополитот нагласува дека ваквиот процес може да се одвива само преку дијалог и со посредство на Вселенската патријаршија.
Воедно, тој го повикува Вселенскиот патријарх да го разгледа неговиот случај, посочувајќи дека е подготвен да се појави пред канонскиот суд на Патријаршијата: „Подготвен да ги преиспитам сите мои постапки. Ако мојот најголем грев е што стоев на чело на движењето за обновување на автокефалноста на Црногорската православна црква и што отворено се спротивставив на ереста на великосрпскиот светосавски етнофилетизам – што беше и останува политичко средство за србизирање на Црногорците и обид за бришење на независноста и државноста на Црна Гора – тогаш сум подготвен да го носам тој крст до крај. Доколку, како ваш клирик (на Вселенската патријаршија, заб. на ред.), на кој било начин сум ја навредил Вселенската патријаршија, сакам таа да биде предмет на отворен, искрен и братски дијалог. И токму затоа, Ваша Светост, со ова ја изјавувам мојата подготвеност да бидам повикан на канонскиот суд на Вселенската патријаршија – што досега не беше случај – за да може сè што ми се наплаќа да се разгледа јавно, праведно, непристрасно и во духот на светите канони…“
Обраќањето на митрополитот Михаило до Вселенскиот Патријарх доаѓа во време на засилени дебати за улогата на Помесните цркви, границите на јурисдикцијата и значењето на канонската одговорност во современиот православен свет. Неговата иницијатива повторно го актуелизира прашањето за црковниот статус на православната заедница во Црна Гора и ја става темата во поширок контекст на актуелните црковни предизвици.

