Митрополијата црногорско-приморска на Српската православна црква ги отфрли обвинувањата за сепаратизам и финансиска нетранспарентност, нагласувајќи дека работи во согласност со законите на Црна Гора и дека останува посветена на единството на Српската православна црква.
Во изјава за црногорскиот јавен сервис RTCG, Митрополијата ги оцени како „целосно неосновани и злонамерни“ и неодамнешните обвинувања упатени кон протојерејот-ставрофор Гојко Перовиќ и други свештеници.
Од Митрополијата велат дека нејзината основна мисија е „евангелското просветување на народот и обновувањето на братската слога“, додавајќи дека природата, структурата и историската улога на Црквата во Црна Гора често се погрешно толкувани.
Осврнувајќи се на прашањата поврзани со финансирањето, Митрополијата наведува дека своето работење го спроведува во рамките на црногорскиот правен систем и ги отфрла тврдењата дека нејзините активности му нанесуваат штета на државата или на граѓаните.
Во исто време, Митрополијата ги отфрла и обвинувањата за сепаратизам.
Од таму посочуваат дека остануваат посветени на единството на Српската православна црква, а зачувувањето на традицијата на „Пеќкиот престол“ го опишуваат како важен дел од својот црковен идентитет.
„Во овој дух живее целото наше свештенство, како што било низ нашата историја, и тоа е наследството на цетињските митрополити низ вековите“, наведува Митрополијата.
Во изјавата се нагласува и верската и националната разновидност на црногорското општество.
Митрополијата посочува дека во Црна Гора живеат православни христијани со различно етничко, национално и јазично потекло, заедно со припадници на други христијански цркви и на исламската заедница.
Токму оваа разновидност, според Митрополијата, мора да биде земена предвид во нејзиното јавно делување.
Од Митрополијата најавуваат дека и понатаму ќе го застапуваат она што го сметаат за вистина за својата мисија и активностите, истовремено инсистирајќи на својот црковен идентитет и улогата што ја имаат во црногорското општество.

