Додека во македонскиот јавен простор односите меѓу Српската православна црква и Вселенската патријаршија често се претставуваат низ поедноставена слика на спротивставеност, владиката Максим од Српската православна црква учествуваше на научната конференција на Вселенската патријаршија во Шантији, Франција, посветена на десетгодишнината од Светиот и Велики Собор на Крит – и од говорницата упати низа позитивни оценки за патријархот Вартоломеј и за богословската работа на Вселенската патријаршија.
Владика Максим, кој учествувал на Соборот во Крит во 2016 година, на 6 октомври говореше на конференцијата „Светиот и Велики Собор на Православната црква (2016–2026): оценка и перспективи“, организирана од Вселенската патријаршија.
Темата на неговото излагање беше митрополитот Јован од Пергам – Зизјулас и неговата богословска визија и придонесот во подготовката и работата на Критскиот собор.
Но, уште на почетокот од говорот владиката Максим даде и јасна оценка за улогата на патријархот Вартоломеј.
„Како брат архиереј кој учествуваше на Соборот, од прва рака бев сведок на неговото трпеливо лидерство и непоколеблива посветеност кон православното единство“, рече Максим, зборувајќи за Вселенскиот патријарх.
Настапот на владиката Максим е значаен и поради контекстот во кој се случува.
Конференцијата во Шантији ја организира Вселенската патријаршија, а на неа учествуваат архиереи, свештеници и теолози од повеќе помесни православни цркви и академски институции.
Централна тема на говорот на Максим беше покојниот митрополит Јован Зизјулас, кого тој го претстави како еден од клучните луѓе во подготовката на Критскиот собор.
Според Максим, Зизјулас со децении работел на прашањето како различните православни цркви да најдат заеднички јазик.
Тој учествувал уште во подготовките на панправославниот процес, а во 2009 година бил поставен да претседава со Претсоборниот подготвителен комитет.
Неговата задача била да ги усогласува различните ставови и да помогне во создавањето текстови што би можеле да ги прифатат различните цркви.
Токму тука Максим ја издвојува суштината на богословската визија на Зизјулас: единството на Црквата не е само формална институционална структура, туку заедница која мора да се покажува и преку заедничко слушање, одлучување и евхаристиски живот.
Една од темите на која Максим посебно се задржа беше опасноста автокефалијата да се претвори во изолираност.
Според изложеното во говорот, Зизјулас предупредувал дека автокефалијата не смее да се претвори во „автоцефализам“, односно во сфаќање дека секоја помесна црква може да дејствува независно од останатите.
Токму затоа, според оваа богословска визија, самото свикување на Соборот било теолошко прашање, а не само организациско.
Максим зборуваше и за проблемот со правилото на консензус според кое секоја автокефална црква може да блокира одлука.
Тој потсети дека Зизјулас уште пред Крит предупредувал дека барањето целосна едногласност може да овозможи една црква да го блокира целиот процес.
И токму тука се појавува една од големите историски контроверзии околу Крит: на Соборот учествуваа десет цркви, додека Антиохиската, Руската, Бугарската и Грузиската православна црква не учествуваа.
Максим, сепак, посочува дека сите четиринаесет цркви претходно учествувале во подготовката на соборските документи.
Особено интересен дел од говорот се однесува на една од најтешките дебати на Крит – формулацијата за другите христијански заедници како „Цркви“.
Зизјулас инсистирал дека историската православна употреба на терминот не може едноставно да биде избришана.
Како аргумент користел примери од православната традиција во која и Римската црква била нарекувана „Црква“, дури и од православни богослови и собори кои биле остри противници на Рим.
Според Максим, Зизјулас предупредувал дека Критскиот собор не може да ја прекине историската употреба на терминот.
На крајот, компромисната формулација била прифатена во интерес на консензусот.
Значајно е што владиката Максим не го претставува Критскиот собор само како политички или институционален проект на една црковна страна. Напротив, тој зборува за внатрешните несогласувања, тешките преговори и компромисите, но истовремено го брани самиот принцип на соборност и потребата православните цркви да разговараат и кога не се согласуваат.
Настапот на владиката Максим во Шантији покажува дека реалноста во православниот свет е посложена: цркви можат да имаат сериозни несогласувања, а истовремено нивните архиереи да седат на иста маса, да разговараат за богословие и историја и јавно да ги признаваат придонесите на другата страна.

