10 години по Критскиот собор, патријархот Вартоломеј го оцени Светиот и Велики Собор од 2016 година како „одлучувачки“ настан за самосвеста и иднината на современото православие.
Во Шантији, Франција, на конференцијата „Светиот и Велики Собор на Православната црква (2016–2026): оценка и перспективи“, тој ја бранеше историската оправданост на одржувањето на Соборот и покрај отсуството на четири помесни цркви.
Најостриот дел е неговата оценка за Антиохиската, Руската, Бугарската и Грузиската православна црква, кои не учествуваа. Вартоломеј смета дека нивната одлука била донесена врз основа на „нецрковни критериуми“ и предизвикала „голема тага“.
Тој директно порача дека немало богословска или еклисиолошка причина Соборот да не се одржи, а неговото одложување, според него, би значело „конечно откажување“. Особено политички силна е реченицата дека можеби токму тоа го сакале и го барале некои.
Вартоломеј ги бранеше документите усвоени на Крит, оценувајќи ги како духовно богатство и современ израз на живото Предание на Црквата.
Клучниот концепт е „Собор по Соборот“ – одлуките од Крит не смеат да останат само документи, туку треба да бидат прифатени и применети во реалниот црковен живот. Во изминатите десет години тие се преведувале, проучувале на богословски факултети и биле предмет на магистерски и докторски истражувања.
Вартоломеј даде и поширока дефиниција на соборноста: таа не е само одржување собори, туку начин на постоење и функционирање на Црквата, нејзиниот „етос“.
Многу важна за пошироката јавност е неговата порака дека Црквата не смее да се затвора во себе. Тој предупреди и од секуларизацијата и од црковната затвореност, велејќи дека „затвореното и мрачно православие“ не може да биде автентичен христијански сведок.
„Црквата Христова е чудото на новото во светот; таа е ослободител на историјата, а не нејзин противник. Православието е светлина, нагласил патријархот посочувајќи ја и слободата како суштина на христијанското сведоштво, спротивставувајќи ја на затвореноста и стравот.
Значаен дел од говорот е посветен на младите, кои не треба да бидат само приматели на црковна „помош“, туку активни носители и продолжувачи на православното Предание.
Вартоломеј упати и порака против фундаментализмот и верската нетолеранција, повикувајќи на богословски дијалог со современиот свет, но без прилагодување на Црквата кон „духот на времето“.

