Почетна Коментар Mакедонската автокефалност на линијата на огнот
Mакедонската автокефалност на линијата на огнот

Mакедонската автокефалност на линијата на огнот

253
0

Не треба да се има дилеми за тоа дека во одлуката на Вселенската патријаршија да ја почне процедура за признавањето на автокефалноста на непризнаената Украинска православна црква – Kиевски патријархат има многу земска политика. Оти случувањата околу православниот собор на Kрит сменија многу работи. Во подготвителните средби беше договорено вселенскиот патријарх да се дистанцира од украинското црковно прашање, тоа да остане во надлежност на црковна Москва, рускиот патријарх насекаде со себе го носеше поглаварот на автономната, промосковската, УПЦ-МП Онуфриј, неколку православни поглавари (српскиот, бугарскиот…) со отворени писма го признаа како единствен канонски митрополит во таа земја. Се чинеше дека црковната Москва однесе триумф во однос на Вселенската патријаршија бидејќи ја тргна од секакво вплеткување во Украина, а што и беше најважно со оглед на инволвираноста на руската држава во таа земја. Потоа следеше и руското бојкотирање на православата средба на Kрит што, бездруго, значеше почеток на нова фаза во битката за тоа кој ќе биде центар на православието – Москва или Цариград. Таа битка е започната и ова што сега се случи како одлука на вселенскиот патријарх може и треба да се посматра само во тој контекст.

Многу простор би бил потребен да се објасни сета деликатност на украинското црковно прашање и кои се основи врз кои Москва и Цариград полагаат канонско право врз јурисдикцијата на таа земја. Тоа сега и не е најважно оти сме навикнати црквите да преземаат одредени потези и одлуки што и не се многу втемелени на канонските права. За да се спречат индивидуални „излети“, најверојатно бил и заговарано да се воведе консензус на сите 14 православни цркви кога се работи за прогласување на нечија црковна автокефалност. Но, тоа не се усвои како принцип и правило така што сега, на пример, Руската православна црква, ќе нема инструмент да го блокира евентуалното признавање на украинската автокефалност од страна на Цариград. Вселенскиот патријарх, се чини, на тоа е добро свесен и токму заради тој сегашен вакуум, реши да почне да го прави тоа што наумил.

Световните состојби во Украина се добро познати. Промосковската УПЦ-Московски патријархат е фактички најголем проруски фактор кој сега дејствува на делот на оваа земја каде полна контрола ја имаат официјалните киевски власти кои се до максимум конфронтирани со официјална Москва.

Факт е и тоа дека киевските власти стојат и ја поддржуваат непризнатата УПЦ-Kиевски патријархат и дека нејзиното прогласување за автокефална црква ќе значи голема промена. Таа, во крајна линија, може да одведе до целосно отстранување на автономната УПЦ-МП од Украина, односно, преземање на сите нејзини храмови и објекти во Kиев и пошироко од страна на сегашните „расколници“ кои веќе од поодамна го бараат целиот имот на проруската црква. Токму заради сите последици кои може да ги донесе томосот за признавање на украинската автокефалност треба да се верува дека таа одлука на Вселенската патријаршија не е само нејзина, туку во неа има дејство на многу надворешни фактори.

Знаејќи ги односите меѓу вселенскиот патријарх и меѓународните фактори какви што се САД и западноевропските земји, знаејќи ја нивната поддршка на официјалните власти во Kиев, не треба да се исклучи можноста дека во пишувањето на цариградската одлука имало доста такви меѓународни влијанија. Линијата на огнот меѓу Москва и Вашингтон на украинската територија одамна е исцртана и таму во иднина може само да се очекуваат нови и нови потези со кои страните ќе ги зајакнуваат своите позиции. А црковниот фактот е посебно значаен.

Значи, Вселенската патријаршија сега ја отвори кутијата од која во иднина може да излегуваат најнеочекувани работи кога се во прашање односите меѓу православните цркви. Тоа не може а да не ја засегне и МПЦ-ОА чија земја, Република Македонија, американскиот државен секретар Џон Kери ја стави во ред на земјите кои, како и Украина, се наоѓаат на „линијата на огнот“ кога се во прашање интересите на Вашингтон и Москва на Балканот.

Гласно се прашувам само можно ли е да се случи, во некоја догледна иднина, Вселенската патријаршија да го стави во процедура барањето на МПЦ-ОА за признавање на нејзината автокефалност. Проблемот на придавката „македонска“, на која се алергични грчките владици па и самиот вселенски патријарх Вартоломеј, лесно ќе се заобиколи со користењето на вториот дел од името – Охридска архиепископија – од нивна страна, и кој не случајно беше експресно додаден на уставното црковно име, токму и од тие причини. Ќе има ли официјален Вашингтон интерес да врши влијанија врз вселенскиот патријарх ова и да се случи останува да се види.

BrankoВо секој случај, епилогот и одлуката дали непризнаената УПЦ-KП ќе стане автокефална црква ќе смени многу сегашни состојби. Македонското црковно прашање бездруго ќе биде дел од нив, особено и заради тоа што не треба да се очекува дека преговорите со српската црква ќе донесат некаков брз резултат и посебно одлука каква што си ја посакува македонската страна. А линијата на огнот на Балканот, меѓу Москва и Вашингтон, нема брзо да биде згасната туку ќе тлее и ќе се разгорува од оваа или од онаа причина. Заради тоа ќе треба многу мудрост за да се препознае која страна од огнот е најдобра и на која нема да се изгори.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *