Во повеќе градови низ Македонија – Скопје, Кичево, Охрид, Битола, Штип, Виница, Струга и други – свечено се одржаа Лазаревите поворки, возобновувајќи една од најубавите и најрадосни православни традиции.
Со учество на деца, верници и поддржувачи, поворките повторно го исполнија градскиот простор со духовна радост, песна и симболика на верата.
-Ова возобновување има длабоки историски корени. Лазаревите поворки во Македонија се организирале масовно по падот на Османлиската империја, кога повторно се воспоставиле државните и црковните институции. Оваа жива традиција се одржувала сѐ до периодот на Втората светска војна. Во нив активно учествувале и училиштата, при што децата, заедно со своите наставници, претставувале значаен и препознатлив дел од овие свечени поворки, велат организаторите.
Во Битола, поворките започнувале од Тумбе Кафе и во организирани групи се упатувале кон трите градски цркви – „Св. Димитриј“, „Св. Богородица“ и „Св. Недела“. Учесниците носеле врбови гранчиња, кои потоа се раздавале на празникот Цветници, а поворката се одвивала по утрената и Светата Литургија на Лазарева сабота.
Оваа практика била широко распространета и во други градови, вклучително и Скопје, каде што нејзиното одржување било поддржано од училиштата.
За време на поворките се пеел тропарот на Лазарева сабота – „Опште воскресение“:Утврдувајќи ја верата во општото воскресение, пред Твоите страдања го подигна од мртвите Лазара, Христе Боже; затоа и ние, како деца, носејќи победоносни знаци, Ти пееме: Осана во висините,благословен е Кој доаѓа во името на Господа.
-Денешните поворки се сведоштво дека традицијата не само што се памети, туку повторно живее – пренесувајќи се на новите генерации како израз на вера, заедништво и духовна радост, велат организаторите.





