Работат на нивите, во сточарството, во домаќинството, се грижат за семејството, но нивниот труд често останува без сопствена економска вредност и без доволно препознавање. Токму за положбата на овие жени во Струмица беше отворена дискусијата на првата трибина од проектот „Гласот на руралната жена – трибини за ранливост и инклузија“.
Во фокусот беа економската положба, вработувањето и можностите за поголема економска активност на жените што живеат во руралните средини, но и прашањето колку нивниот придонес во земјоделството и семејното производство навистина е видлив и вреднуван.
На трибината, преку отворена дискусија, се говореше за секојдневните предизвици со кои се соочуваат руралните жени, за можностите за развој на земјоделското производство, но и за поддршката што им е потребна за да можат самостојно да создаваат приходи и поактивно да учествуваат во локалниот економски и општествен живот.
Меѓу говорниците беа Борче Јанев од „Про Агро Фармери“, Сашо Поповски од ЛАГ „Беласица-Огражден“ и Љубица Џониќ, жена фармер од Црничани.
Присуството на жена фармер во самата дискусија даде и конкретна перспектива на проблемите со кои се соочуваат жените кои директно живеат од земјоделството – од условите за производство и пласман, до прашањето дали нивниот труд им носи и сопствена економска сигурност.
Трибината е дел од проектот „Гласот на руралната жена – трибини за ранливост и инклузија“, кој го спроведува Фондација Елеуса. Целта е преку вакви средби да се отвори простор руралните жени не само да бидат тема на разговор, туку и самите да учествуваат во разговорот за проблемите, потребите и решенијата што ги засегаат.
Проектот е финансиран од македонската влада, преку Министерство за односи меѓу заедниците.

