Руското влијание врз православието и политичката употреба на верата во фокусот на меѓународна конференција во Софија

Date:

Share post:

Религиозниот национализам, политичката употреба на православието, руската идеологија „Руски свет“ и односите меѓу Црквата и државата беа меѓу главните теми на меѓународната научна конференција „Религија и идентитет во Југоисточна Европа на почетокот на 21 век“, што се одржа на 16 и 17 ноември на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.

На конференцијата учествуваа богослови, универзитетски професори и истражувачи од Бугарија и странство, кои ги разгледуваа влијанието на религијата врз националниот идентитет, политичките процеси и општествените односи во Југоисточна Европа.

Еден од централните акценти беше опасноста православната вера да се претвори во инструмент за националистички концепции и политички интереси. Професорот Пантелис Калаицидис од Академијата за богословски истражувања во Волос, Грција, во пленарното излагање зборуваше за религиозниот национализам, христијанството засновано врз идентитетот и сакрализацијата на територијата.

Тој ја анализираше опасноста православната традиција да се поистоветува со одредена нација, држава или територија, со што универзалниот карактер на христијанското послание се заменува со политички и национални претензии.

Посебен дел од конференцијата беше посветен на руската концепција „Руски свет“ и нејзиното влијание врз православните заедници. Доцентот Костадин Нушев зборуваше за употребата на православните традиции во контекст на неоимперијалната идеологија, додека Генадиј Воробјов од организацијата „Бесарабски фронт“ ја анализираше инструментализацијата на православниот идентитет во руските религиозни наративи во Бугарија, Украина и Молдавија по 2022 година.

Во дискусиите беше отворено и прашањето за употребата на поими како „канонска територија“, „православно единство“ и „традиционални вредности“ во политичката комуникација, како и за последиците од црковните јурисдикциски спорови врз локалните православни заедници.

Внимание привлече и излагањето на Спирос Бекаторос од Атинскиот колеџ, посветено на религиозниот и националниот идентитет во богословието на војната на рускиот патријарх Кирил. Тој ја разгледа употребата на поими како спасение, саможртва и историска мисија во оправдувањето на воениот конфликт во Украина.

На конференцијата учествуваше и свештеникот Бобан Митевски, докторанд на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото излагање беше посветено на положбата на воениот свештеник меѓу верските убедувања и барањата на секуларната држава, при што ги отвори прашањата за слободата на совеста, правната еднаквост и институционалната неутралност во општествата со религиски плурализам.

Други теми на конференцијата беа религиозната радикализација кај младите, влијанието на дигиталната средина врз формирањето на религиозните ставови, миграциите и нивното влијание врз парохискиот живот, религиозното образование и односите меѓу православието и демократијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img