Почетна Анализа Кога лекот е непознат, молитвата е подлабока
Кога лекот е непознат, молитвата е подлабока

Кога лекот е непознат, молитвата е подлабока

223
0

Колку стравот од ширењето на коронавирусот во земјава, како и преземањето на превентивните мерки за заштита ја зголемиле или ја ослабнале вербата на граѓаните во Бог? Дали зголемениот страв резултира со дистанцирање од верските храмови или со приближување кон нив? Ова се дилемите што изминатиот период се појавуваат во јавноста, откако поради опасноста од ширење на вирусот беа затворени голем број од црквите и другите верски објекти во светот, а беше забрането и масовно собирање за време на големите верски празници.

Имаше голем страв токму преку верските обреди да се прошири вирусот, за што честопати имаше и големи дебати, со напад врз верата. Некои сметаат дека коронавирусот ќе ја намали религиозноста на луѓето, но истражувањата го покажуваат токму спротивното.
Зајакнатата религиозност се покажала како зголемена кај Американците, каде што еден од четворица Американци смета дека коронавирусот ја продлабочил нивната религиозна вера. Ова го покажала анкетата на центарот „Пју рисрч“, која заклучила и дека само кај два отсто од испитаниците вирусот ја ослабнал нивната верба. Истражувањето покажало засилена верба меѓу Американците што веќе се религиозни, луѓето што често се молат, одат на служби и ја оценуваат религијата како важна за нив.

Проф. д-р Александар Спасеновски од Правениот факултет вели дека, според голем број социолошки и други истражувања, зголемувањето на стравот и на опасноста од одредена појава или состојба влијае и во насока на зголемување на религиозноста кај луѓето.
– Аргументацијата е дека неизвесноста како резултат на тие негативни појави ги тера луѓето да се завртат кон себе, како и кон нешта што не се дел од светот во кој тие егзистираат. Така тие ја (ре)откриваат сопствената религиозност. Во оваа смисла, сепак, треба да се направи разлика помеѓу елементарна (квази)религиозност, резултат на страв наспроти длабока лична вера, која не го познава или барем не му дава толку важно место на стравот како таков -посочува Спасеновски.
Според него, од аспект на секуларната наука, и во овој случај со појавата на коронавирусот може да се потврди истото тоа.

– Имено, и според истражувањето на реномираниот центар „Пју рисрч“, пандемијата на ковид-19 ја зголемила религиозноста кај 25 отсто од населението во Соединетите Американски Држави, а слични трендови може да насетиме дека постојат и во Македонија, доколку ги анализираме резултатите од истражувањето на сајтот Религија.мк и Институтот за политички истражувања од април оваа година. Македонија и досега е на врвот на табелата на религиозност во светот, бидејќи речиси 90 отсто од населението се декларира за религиозно. Останува да се види точно колку овој процент се променил како резултат на пандемијата – истакнува Спасеновски.
Последното истражување на јавното мислење „Практикување на религија во услови на пандемија“, кое го реализираа интернет-порталот Религија.мк и Институтот за политички истражувања-Скопје, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, имало цел да ја детектира перцепцијата на верниците во поглед на рестриктивните мерки на државата и односот кон религијата.

Иако македонското општество во висок процент со 51 отсто се декларира како религиозно и 32 отсто како до некаде религиозно, сепак смета дека вонредните мерки за заштита и забраните за присуство на верници во храмовите не значи и ограничување на правото на вероисповед. Тоа го потврдиле високи 63,4 отсто од анкетираните.
– Стравот од коронавирусот кај граѓаните е голем, а од тие причини речиси седум од десет испитаници рекле дека од почетокот на пандемијата немаат отидено во црква или во џамија, токму поради страв од заразата. Во тој страв, ако им е потребно, повеќе од половината, или 58,7 отсто од испитаниците, помош би побарале од психолог, наспроти 11,9 отсто, кои за психолошка помош би се обратиле кај својот свештеник – се вели во истражувањето.

Истражувањето покажало и дека коронавирусот нема да има негативно влијание врз вербата во Бог, туку, напротив, вербата може само да се зајакне како последица на пандемијата. Поголемиот дел граѓани сметаат дека пандемијата ќе има позитивен ефект врз приближувањето на луѓето еден кон друг, како и врз заемната помош и поддршка што може меѓусебно да си ја понудат. Речиси идентично, повеќето испитаници сметаат дека ќе има позитивна промена на човековиот однос кон природата по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *