Израелската амбасадорка во земјава Вивијан Аисен им се заблагодари на македонските власти за брзата реакција во врска со обидот за предизвикување пожар во синагогата во Скопје.
Аисен му се заблагодари на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски кој го осуди обидот за палење на објектот на Еврејската заедница во земјава.
– Ви благодарам министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти, напиша израелската амбасадорка на „Икс“.
Еврејската заедница во земјава вчера информираше за обидот за палење на верскиот објект на еврејската заедница, а израелската амбасадорка објави и видео по што Министерството за внатрешни работи информираше дека се работи на расчистување на случајот.

