Американскиот аналитичар Роберт Мериведер оценува дека неодамнешната изјава на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) против Вселенската патријаршија претставува опасен преседан и директно мешање на државната безбедносна структура во црковните работи. Според него, не станува збор за богословска расправа или сериозна канонска критика, туку за употреба на религиозен јазик како инструмент на државната власт.
Мериуедер нагласува дека СВР нема никаква надлежност во канонското право, ниту улога во православната еклисиологија. Кога државна разузнавачка служба го нарекува Вселенскиот патријарх „Антихрист“, тоа, според него, не е одбрана на православието, туку пример за политичка злоупотреба на верата. Таквиот јазик, вели тој, историски никогаш не ѝ донел добро ниту на Црквата ниту на државата.
Во православната традиција, потсетува Мериуедер, расколот не се утврдува преку јавни обвинувања или одбивање на признавање, туку преку прекин на општењето, за што одлучуваат синоди и собори, а не државни институции. Вселенската патријаршија, истакнува тој, останува во општење со сите автокефални Православни цркви, што само по себе ги прави обвинувањата на СВР канонски неосновани.
Особено се задржува на Балтичките држави, посочувајќи дека црковното присуство на Москва таму е историски поврзано со империјалниот и советскиот период, а не со некакво трајно канонско право. Присуството на Константинопол, според него, произлегува од барањата на локалните православни заедници за пастирска грижа надвор од контрола на Москва, што е црковно, а не политичко прашање.
Затоа, мотивацијата зад интервенцијата на разузнавачката служба не е тешко да се објасни. Московската патријаршија всушност функционира како цивилизациски и геополитички капитал на руската држава. Нејзините парохии низ целиот свет служат како инструменти на културно и политичко влијание. Кога Цариград дејствува – особено во Украина – тоа го загрозува тоа влијание. Од безбедносна и државна перспектива, ова не е црковно несогласување, туку губење на контролата. Црковниот пораз се преобразува како странска субверзија; пастирскиот неуспех се преформулира како заговор. Исто така, постои и внатрешна согласност за изјавата на СВР. Кога безбедносните служби зборуваат со апокалиптичен тон, пораката до Руската црква е недвосмислена: теологијата функционира во рамките на ограничувањата поставени од државата. Несогласувањето е опасно, а усогласувањето со претпоставените е поважно од вистината. Стравот е поевтин од убедувањето – и многу поефикасен!
Мериуедер остро ја критикува и употребата на наративи за западни разузнавачки служби, нагласувајќи дека тие служат како замена за аргументи. Наместо докази, се нуди теорија на заговор, што, според него, е знак на институционална параноја, а не на богословска длабочина.
Во однос на Српската православна црква и Црна Гора, тој предупредува дека е манипулативно да се претставува Српската црква како беспомошна жртва на некаква „агресија“ од Константинопол. Црногорското прашање, вели тој, е сложено и бара трезвено историско и синодално разгледување, а не пресуди издадени од разузнавачки служби.
Според Мериуедер, употребата на зборови како „Антихрист“ и „лажен пророк“ е не само навредлив, туку и суштински неправославен. Такви изрази, истакнува тој, не се дел од светоотечкото предание и претставуваат форма на сектантски памфлетизам, уште поопасно кога доаѓа од државна институција.
Аналитичарот заклучува дека вистинската цел на ваквите изјави е делегитимација на Вселенската патријаршија и создавање атмосфера во која секој дијалог станува сомнителен, а неутралноста на Помесните цркви се третира како предавство. Тоа, според него, претставува „еклисиологија на изгорена земја“ во служба на државната моќ.
На крајот, Мериуедер предупредува дека православието не му е потребна заштита од разузнавачки служби за да опстане. Историјата, вели тој, покажала дека секогаш кога Црквата се става во служба на империјата, пресудата на времето е немилосрдна.

