Почетна Анализа Франциск – папата кој руши ѕидови
Франциск – папата кој руши ѕидови

Франциск – папата кој руши ѕидови

329
0

Молитвата е политички чин. Посебно кај ѕидот на границата меѓу Мексико и САД. Папата Франциско отворено изјави: „Оној кој гради ѕидови наместо мостови, не е христијанин. Тоа не е според Евангелието.“

Со овие зборови, во текот на посетата на Мексико пред две години,  папата ги критикуваше плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за подигање нов ѕид помеѓу Мексико и САД.  На таа критика не влијаеше ни посетата на Трамп на Ватикан во мај минатата година.

Хорхе Берголио, 81-годишниот Аргентинец, веќе пет години е поглавар на Римокатоличката црква, како прв јужноамерикански папа. Само две минути по неговиот избор, едно беше јасно: овој папа „од другиот крај на светот“, како што тогаш се претстави самиот себе си Берголио, е поинаков од сите свои претходници.

Да се надминат поделбите

И навистина: Франциско истовремено е политичен и пасторален. Се молеше за мир на ѕидот меѓу Израел и Палестина во Витлеем. Прифати бегалци во Ватикан. Го поддржа окончувањето на политичкото ледено доба меѓу Куба и САД. И им прости на жените кои абортирале.

„Франциско сака да ги надмине поделбите, а не да ги зацементира со ѕидови. Во тоа е многу политичен“, вели Бернд Клашка, бивш раководител на „Адвениат“, бискупска хуманитарна организација за Латинска Америка. „Во Латинска Америка Франциско имаше слична улога како Јован Павле Втори во Европа, кој придонесе за падот на Берлинскиот ѕид.“

Па дури и ако ѕидот меѓу Мексико и САД и натаму расте, во Колумбија и на Куба папата успеа да ги урне ѕидовите. Со умешно посредување меѓу конфронтираните страни се ублажени повеќегодишните судири и тензии. А посетата на папата на Централноафриканската Република во 2015. година доведе до примирје, а потоа и до слободни избори.

Збогум Европо

Промени се видливи и во самата Католичка црква, иако не на прв поглед. Папата именуваше нови кардинали од Јужна Америка, Африка и Азија и ги зголеми овластувањата на националните и регионалните бискупски конференции.

Од вкупно 49 нови кардинали, повеќето се по потекло од земјите во развој, кои досега во Ватикан немаа преголемо влијание. Тие на идните избори за папа би можеле, по Франциско, на чело на Католичката црква да изберат и прв африкански поглавар.

Најмладиот член на кардиналскиот колегиум е Дједон Нзапалаинга, надбискуп од Банги, главен град на Централноафриканската Република. „Овој понтификс ја сака Африка“, одушевено раскажува надбискупот за Дојче веле. „Неодамна ги повика сите католици од светот да се молат за мир во Конго и во Јужен Судан.“

Династија папи од Третиот свет“

Дједон Нзапалаинга е иднината на Католичката црква. Тој во 2015. година, заедно со имамот Кобине Лајам, беше одликуван со мировна награда. Овие двајца духовници се залагаат за мирен соживот на припадниците на различни религии во Централноафриканската Република, земја во која со години беснее граѓанска војна. Соживотот е важно прашање и за самиот папа. Сепак, тој во поглед на ова прашање понекогаш и греши, на пример при посетата на Мјанмар на крајот на 2017. година.

За бразилскиот теолог Леонардо Боф, подмладувањето на кардиналскиот колегиум е доказ дека Франциско „основа династија на папи од Третиот свет“. „Овој папа ќе ја промени Католичката црква, тој внесува пролет во неа“, предвиде Боф непосредно по изборот на Франциско.

Женети свештеници

Првото патување на папата во странство го одведе во Бразил, во Рио де Жанеиро, на Светскиот ден на младите во 2013. година. Сега се во тек подготовки за уште еден голем црковно-политички настан: за т.н. Амазонски бискупски синод, кој идната година ќе се одржи во Ватикан. Таму би можело да биде одлучено дали во иднина и женети мажи ќе можат да бидат свештеници.

Ублажувањето на целибатот, кој е во сила со векови, би претставувало револуција во Католичката црква. Токму затоа папата има сѐ поголем број противници. Тие сакаат да го спречат она што се нарекува „Копакабана-теологија“ – која менува догми и го доведува во прашање традиционалното црковно учење.

Габриел Чарлс Палмер Бакл, надбискуп од Акра, смета дека тоа е претерано. „Знам дека одделни конзервативци не се среќни поради велокудушните ставови на папата“, вели тој за Дојче веле, објаснувајќи дека Франциско само ги замолил бискупите и свештениците да покажат милосрдие. Зашто, како што истакнува надбискупот, „Црквата не им припаѓа на конзервативците, туку на сите.“

/DW.COM

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *