Почетна Коментар Да не се бара сè оти може да се загуби сè
Да не се бара сè оти може да се загуби сè

Да не се бара сè оти може да се загуби сè

425
0

Kатолиците и протестантите се еретици кои треба да се покајат за направениот грев, а освен светата православна црква, не постојат други цркви, е суштината на категоричниот став што неодамна го соопшти Бугарската православна црква која расправала за документите што ќе се усвојуваат на претстојните сеправославен собор во јуни годинава на Kрит, Грција. Ова досега е најригиден став со кој истапила некоја од 14-те автокефални православни цркви во однос на прашањето за тоа какви треба да бидат релациите кон другите христијани. Бугарските владици се изјаснувале по предложениот работен документ со наслов „Односот на Православната црква кон останатиот христијански свет“, а во кој се содржани насоките како би требало да се чекори кон посакуваното единство на христијаните во светот.

Меѓутоа, во предложениот документ кој се дефинира на последната средба во Шанбези, Швајцарија, за неправославните христијани какви што се католиците и протестантите никаде не се употребува така тешка квалификација како, на пример, дека се еретици, односно дека се отпадници од верата.

„Еден е Господ, една е црквата и таа е православна. Покрај светата православна црква, не постојат други цркви, туку само ереси и расколи. Тие да се нарекуваат како цркви богословски, догматски и канонски е целосно погрешно. Во Православната црква под единството на сите отсекогаш се подразбирало оние што паднале во ерес или раскол, прво да мора да се вратат во православната вера и да покажат послушност кон светата црква. Тогаш, преку покајание, тие може да бидат прифатени во црквата“, се потенцира во синодското соопштение. Во него, се гледа, католичките и протестантските христијани не се наведени директно, но ставот на бугарските владици се однесува кон сите оние христијани „кои не се православни“.

Интересно е прашањето зошто бугарската црква зазела ваков ригиден став кон другите христијани. Вака тврда позиција пред неколку недели прв ја искажа ловќенскиот митрополит Гаврил и неговите свештеници, а потоа го поддржа и пловдивскиот митрополит Николај. Но, тоа беа осамени мислења кои им се придружија на неколкумина тврдокорни грчки владици кои се противници на екуменизмот, односно помирувањето меѓу православците, католиците и другите христијани. Постои теза дека ваков остар став е заземен под руско влијание бидејќи црковна Софија сега има одлични односи со црковна Москва. Во стилот БПЦ јавно го кажува она што Москва не може.

Инаку, формално гледано, ваков остар бугарски став е во спротивност со ставот на Руската православна црква, чиј патријарх Kирил неодамна имаше историската средба со католичкиот папа Франциск на Kуба. Во нивното заедничко соопштение се наведува дека католиците и православците тагуваат поради загубеното единство. Нивен заеднички став е дека средбата ќе даде придонес за постигнување на од бога заповеданото единство за кое се молеше Христос, а тие се решени да преземат се што е потребно за да ги надминат несогласувањата наследени од историјата. А што е мошне охрабрувачки став кој влева надеж за иднина. Значи, постојат некои добри причини зошто бугарските владици сега одат со ваков отпор и став поради кој ќе биде неизвесно какав ќе биде судбината на овој документ што е предложен во ситуација ако се бара консензуално прифаќање на соборските документи.

Бугарскиот потег, како и јавните истапи на повеќе светогорски манастири, на владици и од редовите на грчката и на српската православна црква очигледно покажуваат христијанското обединување нема да оди така мазно како што тоа дејствуваше од средбите на папата Франциск со вселенскиот патријарх Вартоломеј и со рускиот патријарх Kирил.

Очигледно е дека во православните редови има послаби или посилни структури кои се противат на тоа бидејќи за нив католиците се се уште еретици кои прво мора да се покајат поради направениот раскол, а потоа да се вратат во православието. Такво нешто да се очекува денес, знаејќи ја моќта, позицијата и бројноста на Kатоличката црква, искрено речено, е илузорно. Да не збориме за тоа дека непопустливата позиција на Рим е дека папата неприкосновен лидер на христијаните, а потоа и за сите други разлики што постојат меѓу католицизмот и православието.

Што сето ова значи? Тоа дека несогласувањата наследени од историјата се уште имаат големи влијанија и дека голема штета ќе биде доколку претстојниот сеправославен собор остане заробен во нив. Односно, ако не се успее во тоа да се заземе едногласен став со кој вратата на екуменизмот ќе остане отворена, тогаш поделбата стара речиси илјада години уште повеќе ќе се продлабочи и со што ќе се поништи сето она што досега е направено како меѓухристијанско доближување.

Branko„Ако бараме се, ќе загубиме се“, мислата што при избувнувањето на големиот раскол пред еден век ја изговорил тогашниот антиохиски патријарх Петар III до папата Лав IV е актуелна и денеска и стои како големо предупредување. Тогаш тоа не беше слушнато како што треба и последиците се видливи по единството на христијаните. Во тоа име христијанските водачи сега немаат право на нова грешка.

Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *