Почетна Вера МПЦ-ОА Богојавление-Водици одбележан со свети литургии во црквите
Богојавление-Водици одбележан со свети литургии во црквите

Богојавление-Водици одбележан со свети литургии во црквите

188
0

Православните верници денеска го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици со свети литургии во црквите и нивните дворови. Годинава првпат, поради пандемијата со Ковид-19, изостана вековната традиција на положување на крстот во светите води.

Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан по повод празникот служеше Златоустова литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје. Светата црква секоја година речиси повеќе од два милиениума преку сите содржини, и богослужбени и обичајни не навраќа на смислата на тој спасоносен настан на крштевањето Христово и моментот кога се покажала целата света Троица . Денешниот празник Богојавление всушност, рече, ги објаснува сите други празници и сите други настани, ни ја објаснува целта на Хритовото доаѓање како син божји како вистински богочовек, тајната на крштевањето, но и на покајанието и на исповетта.

Меѓу нас, истакна г.г. Стефан, многу слабо или воопшто не се практикува покајанието или исповетта, а во светата црква тоа е една од седумте свети таинства, но при покајанието, при исповетта не е доволно да кажеме дека сме грешеле, дека грешиме и дека се каеме. Потребно е, вели, гревот да не го повторуваме, и да се трудиме што помалку да грешиме. Но очигледно е недоволното познавање на верата.

-Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога, рече поглаварот г.г. Стефан, кој по завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата.

Присутните верници се придржуваа кон мерките за заштита од ширење на коронавирусот со носење заштитни маски и одржување на физичка дистанца.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *