Церемонијата на Благодатниот оган во храмот на Гробот Господов во Ерусалим оваа година ќе се одржи без присуство на верници, поради засилени безбедносни мерки воведени од израелските власти.
Според информациите, пристапот до Стариот град е строго ограничен, а бројот на свештенослужители во храмот ќе биде значително намален. За православното свештенство е предвиден максимум дo 15 лица, додека ќе присуствуваат и претставници од другите христијански заедници.
Сите богослужби за време на Страсната седмица во Светата земја ќе се одржуваат исклучиво со свештенство, без учество на верниците, како дел од пошироките безбедносни мерки.
На дипломатски план, Грција води разговори со надлежните институции со цел да се обезбеди учество на грчка делегација, при што се преговара за бројот на дозволени претставници. рчкото Министерство за надворешни работи, во координација со военото воздухопловство, презело мерки за патувањето на делегацијата, но конечните процедури сè уште се разгледуваат. Се очекува одлука за составот и бројот на делегацијата, како и за транспортот на огнот, да биде донесена во наредните денови, при што мисијата најверојатно ќе биде ограничена, по моделот од периодот на пандемијата.
Митрополитот на Полјани и Килкис, Вартоломеј, изјави дека церемонијата се очекува да се одржи, но со значително ограничен број присутни. Тој нагласи дека постои постојана комуникација со Ерусалимската патријаршија и со грчките власти, како и дека ситуацијата се следи од ден на ден. Според него, храмот на Гробот Господов во моментов е затворен за јавноста, а неизвесноста околу безбедноста влијае врз организацијата на богослужбите. Тој повика верниците да останат смирени, нагласувајќи дека духовното значење на празникот не зависи од физичкото присуство.
Ерусалимската патријаршија веќе соопшти дека годинава богослужбите за Страсната седмица ќе се одржуваат без дополнителни литургиски настани, како што се литиите, поради безбедносната состојба.
Израелските власти поставиле услови за одржување на церемонијата: завршување на градежните работи во храмот, обезбедување засолниште во случај на напад и гарантирање целосна безбедност. Предвидено е во храмот да има најмногу 50 лица, со пристап само со специјални дозволи.
Во меѓувреме, бугарскиот патријарх Даниил оствари телефонски разговор со ерусалимскиот патријарх Теофил III, при што беше изразена загриженост за состојбата. Од Ерусалимската патријаршија било посочено дека постои очекување богослужбите да не бидат прекинати, и покрај ограничувањата.
Во меѓувреме, германското Министерство за надворешни работи изразило загриженост дека ваквите ограничувања може дополнително да ги зголемат тензиите.
Израелската полиција соопшти дека мерките се донесени по координација со црковните власти, вклучително и со Латинскиот патријархат, и дека целта е да се обезбеди слободно извршување на богослужбите, но и заштита на човечките животи.
Од таму наведуваат дека во последните недели имало ракетни напади и пад на делови од проектили во Стариот град, што ја наметнало потребата од вакви ограничувања.
Латинскиот патријархат во Ерусалим потврди дека е постигнат договор со властите за организација на богослужбите, со што ќе се овозможи зачувување на вековните пасхални традиции во храмот на Гробот Господов.

