Руската Служба за надворешно разузнавање повторно го обвини Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во ново соопштение поврзано со изборот на нов поглавар на Грузиската православна црква по смртта на патријархот Илија. Според руската служба, Вартоломеј „продолжува да следи линија на поделби во православието“, со цел, како што се наведува, да ја стави Грузиската црква под свое влијание.
Ова е вторпат во последните месеци руската служба јавно да го таргетира Вартоломеј. Претходно, во слично соопштение, тој беше обвинет дека предизвикува поделби во православниот свет и дека делува како „агент“ на странски интереси.
Во најновото соопштение, руската страна тврди дека Вселенскиот патријарх се обидува да влијае врз изборот на нов грузиски патријарх, со цел да се избере кандидат близок до него. Се наведува дека тој наводно поддржува одредени архијереи како можни кандидати. „Фанариотот сака да назначи претставник на ГПЦ на испразнетото место, на кого може да се потпре. Вартоломеј ги смета западноевропскиот митрополит Авраам (Гармелија) и митрополитот Поти и Хоби Григориј (Бербичашвили) како кандидати за оваа улога“, се наведува во соопштението на службата.
Сепак, според познавачи на црковните прилики во Грузија, дел од овие тврдења се доведуваат во прашање. Еден од споменатите митрополити не ги исполнува условите за кандидатура поради возраста, додека други имиња не се појавуваат во актуелните дискусии за изборот.
Во завршниот дел од соопштението, руската служба директно го обвинува Вартоломеј за „жед за власт“ и го нарекува „расколник“, тврдејќи дека се меша во внатрешните работи на Грузиската црква. Воедно се повикува на канонското правило дека епископите не треба да ја прошируваат својата власт надвор од сопствената јурисдикција.
Изјавата доаѓа во период на засилени тензии во православниот свет и во пресрет на изборот на нов патријарх на Грузиската православна црква.

