Почетна Коментар Автокефланост во замка на играта на интерси
Автокефланост во замка на играта на интерси

Автокефланост во замка на играта на интерси

1.10K
0

Дваесет години подоцна, МПЦ-ОА е пред второто најголемо искушение во нејзината историја, откако на 17 мај 2002 година во Ниш, тројца владици на МПЦ-ОА, ставија потпис на Нишкиот договор од кој произлезе првото делење на црковното ткиво на МПЦ-ОА, кое за среќа не ја постигна целта на оние, кои во Црковен Белград, сонуваа со години.

Зборовите на еден од тогашните епископ на СПЦ, а и денеска главен идеолог на Српската црква: „Ние како Јована баравме човек повеќе од 30 години“, како да не беа добра лекција.

Разликата од тогаш до денеска е што сега го нема Јована. Митрополитот кој тогаш ја понесе жртвата и на свој грб однесе се, спасувајќи ги останатите тројца владици на МПЦ-ОА.

Ако денес се повтори истата грешка, чинам дека одговоронста ќе мора да ја понесат токму оние, кои и одлучиле да го водат процесот, ако тој не го гарантира она за кое жртва понесоа генерации владици, свештеници, теолози, верници во изминативе 55 години, верувајќи дека патот од Издеглавје 1943 година е исправен и единствен. Автокефалност,  без компромиси.

Исто како и во 2002 и во 2022 година, таинственоста во разговорите е константа, како што е константа и центарот на разговорите Ниш. (веројатно случајно) Разликата е во тоа што од македонска страна, добар дел од владиците кои беа вкучени во процесот на преговори со СПЦ сега не се дел од оваа делегација, но нема ниту потврда кои се е дел од тој процес.

Што всушност се случува?

Зворничко-тузланскиот епископ Фотиј, случајно или не, намерно или не, со наивност или со умисла, на проповед објави дека МПЦ-ОА и СПЦ се вратиле на преговарачка маса пред неколку дена, со оптимизам констатирајќи дека веќе на Соборот на СПЦ во мај ова година е можно враќање на МПЦ-ОА во канонско единство.

Веста во Македонија ја објави Религија.мк, единствен медиум кој се занимава со религиски прашања. Редакцијата до информацијата доаѓа сосема случано во рамки на секојдневното рутинското пребарување информации по црковните портали на православните цркви.  Инетересно е што ниту еден медиум во Србија не ја пренесува веста веќе трет ден по нејзиното обелоденување.

Информацијата сама по себе е вест, бидејќи после десетина години двете цркви влегуваат во отворен дијалог, а исклучитечно важна е што во изјавата на Епископот г. Фотиј има голема доза на оптимизам. Вели: „На Соборот на СПЦ во мај оваа година може да се врати МПЦ-ОА во канонско единство“. Соборот на СПЦ е закажан за 15 мај, а тоа е една недела од сега. Како тоа г. Фотиј гаи оптимизам дека МПЦ-ОА ќе се врати во канонско единство со СПЦ во следните седум дена, ако 55 години одбива тоа да го стори? Од каде тој оптимизам, ако во Синодот на МПЦ-ОА од 13 владици, 9 велат дека не знаат ништо, а веста ја виделе на медиумите? Синодскиот портпарол во изјава за ТВ Сител вели: „Преговорите се во тек, толку можам да кажам“.

Дали тајновитоста треба да биде загрижувачка?

Ако се следи искуството, а искусните велат да, тогаш одговорот е едноставен. Да! треба да се биде загрижен.

Ако се следи тврдењето на владиците дека знаат што е крајната цел, тогаш можеби и не треба да се биде загрижен.

Но, недостатокот на какви било информации остава простор за сериозен сомнеж, но и дилеми за анализа.

Првата дилема е како се случи се ова, ако се знае дека СПЦ повеќе од седум години ги игнорира апелите на МПЦ-ОА за возобнување на дијалогот, откако беше ослободен Вранишковски од сите обвиненија и затворски казни, што СПЦ го бараше како услов? Залудните апели на МПЦ-ОА до пред некоја година завршуваа со ставот на СПЦ дека „црковното прашање во Македонија е решено и МПЦ-ОА може да разговара со ПОА, канонската црква создадена од СПЦ.“

Пред 4 години МПЦ-ОА покрена постапка за апелација пред Вселенската Патријаршија, која пак ја прифати и стави на дневен ред, нешто што српските владици до пред една година го сметаа за погрешно и жестоко го напаѓаа Вселенскиот патријарх. Тој испрати две барања до СПЦ и МПЦ-ОА за заедничка и одделна средба во Фанар, на што СПЦ остана глува.

Минатата година пред крајот во декември СПЦ изненадно испраќа писмо до поглаварот на МПЦ-ОА и иницира средба на ниво на поглавари. МПЦ-ОА ја известува Вселенската патријаршија, која советува средбата да се оддржи под нејзино покровителство. Следува одговор до СПЦ со пролнгирање на идејата за средба… по што се случува ова што сега се случува… МПЦ-ОА и СПЦ ја реализираат оваа средба, на која спроед изјавите на г. Фотиј присуствуваат тој, Патријархот Порфириј, и можеби уште некој од СПЦ, а од македонска страна логично Архиепископот Стефан, портоаролот на Синодот Тимотеј и можеби уште некој. Но, според сознанијата, таму не се Наум Струмички и Петар Преспанско-пелагонски, редовни членови на македонската делегација. Зошто? Нема одговор.

Засега општо познатиот факт, според изјавата на г. Фотиј, е дека МПЦ-ОА ќе се врати во канонско единство со СПЦ и толку. Без какви било детали.

Логичните прашања кои се поставуваат се: Какво е тоа канонско единство? Што тоа подразбира? Зошто некој би ја трампал автокефалноста за автономија, и колку време тоа ќе трае? Кои се гаранциите дека ќе имаа автокефален статус? Дали за ова е запознаена Вселенската патријаршија?

Неофицијалните информации со кои јас располагам велат дека две сценарија се во игра.

Првото е дека во процесот е запознаена Вселенската патријаршија и дека крајната цел ќе резултира со автокефалност, а второто сценарио е дека играта ја води Руската православна црква, воспоставувајќи нова замка за МПЦ-ОА.

Според првото сценарио во Ниш бил скициран нов договор налик на Нишкиот договор од 2002 година кој подразбира МПЦ-ОА да се врати во канонско единство со СПЦ, односно да влезе во автономен статус, а потоа со заедничко писмо МПЦ-ОА и СПЦ да го известат Вселенскиот патријарх дека црковното прашање во Македонија е надминато и дека СПЦ не се противи Всленската патријаршија да издаде Томос за автокефалност на епархиите во Македонија, кои се управуваат од нова црква, во случајов Охридска Архиепископија (МПЦ). Во тој процес наводно е вклучена и Вселенската патријаршија и би финиширал некаде пред Божиќ 2023 година кога во Скопје Вартоломеј би го презентирал Томосот на заедничка литургија со г. Порфириј и г. Стефан.

Но, овде недостасуваат неколку важни коцки од целиот мозаик. Прво што ќе се случува со ПОА? Каде е таа во играта на ова решение? Второ како на ова ќе реагира Руската Православна Црква, која е изразито против Вселенскиот патријарх да издава Томос за автокефалност, без согласност на сите помесни православни цркви? И клучното прашање, ако толку беше едноставно се ова, зошто досега не беше реализирано? Едно такво сценарио би претставувало тежок удар на СПЦ врз РПЦ, што е наивно да се верува во него, бидејќи би предизвикало тектонски поремтувања во правосавниот свет и еден жесток удар врз Црковна Москва и тоа во период кога таа тоа најмалку би го очекувала.

Второто сецнарио е сосема поинакво. Тоа значи дека во целиот процес Вселенската патријаршија воопшто не е вклучена, туку напротив се е идеја на Руската црква. Зошто? Руската православна црква во моменотв е соочена со тешка ситуација во православниот свет поради нејзината улога во воената агресија врз Украина. Речиси и да нема православна црква, освен СПЦ која не ја осуди улогата на РПЦ во војната. Во таква изгубена позиција на РПЦ во православниот свет и се потребни сојузници. Информациите велат дека позадината на овој план е токму тоа. Совет до СПЦ да признае се што може и да вети дека ќе се согласи на автокефалност со цел да ја претрка Вселенската патријашија во евентуална одлука наскоро да го отвори прашање за МПЦ-ОА и официјално и да повлече потег кон издавање на Томос за автокефалност без согласност на СПЦ.

Што ќе добие РПЦ, а што СПЦ со тоа? Руската црква го добива признанието за нејзиното влијание и благонаклонетоста на МПЦ кон нејзе, секао во пакет со симпатиите на Македонците што би значело и политички бенефит за Москва. СПЦ го добива крунскиот аргумент, успеала да го затвори и реши деценискиот спор сама, без да се вмешува Вселенската патријаршија.

Кој е тој аргумент и што тој би значел?

Главниот аргумент на МПЦ-ОА за апелацијата покрената пред Вселенската патријаршија е токму временскиот континуитет повеќе од 55 години во кои СПЦ нема реална јуриздикција на овие епархии. Што значи иако нејзе и се дадени, таа не е способна да ги управува и затоа Вселенската патријаршија е должна тој спор да го реши. Ова е состојбата што сега постои. Но, каква ќе биде ако се случи договор и враќање во канонско единство со СПЦ? Сосема спротивнна. СПЦ успеала да го реши проблемот самата и да ја врати реалната јуриздикција врз епархиите во Македонија. Тоа значи прекин на петдеценискиот континуитет и оневозможување на Всленската патријаршија да се меша во јуриздикција каде нема проблем, затоа што Мајката црква, во случајот СПЦ го решила проблемот.

И сега доаѓаме до замката, од која мора секој искрен автокефалист да се плаши.

Што ќе се случи ако МПЦ-ОА прифати враќање во каноско единство со СПЦ, а никогаш, или пак се пролонгира со години барањето до Вселенската патријаршија за конечно решение на статусот?

СПЦ не е таа која може да даде Томос за автокефалност, не е ниту Руската црква, на крајот од денот се мора пак да заврши пред Вселенската патријаршија. Што ако се остане заглавено? Или појасно да биде. Што ако СПЦ ја изгира МПЦ-ОА? Македонската црква ќе го напушти пак канонското единство со СПЦ? Логичнен одговор би бил  ДА, може да се случи тоа. Но на тој начин го губи временскиот континуитет од 55 години. Тоа ќе биде нов раскол, за кој Вселенската патријаршија нема да може да се грижи, затоа што грижата во следните 30 години ќе биде на Мајката црква, односно СПЦ. И секако и во ова второ сценарио повторно се поставува клучното прашање каде е ПОА во приказната?

Кое од овие две сценарија е во игра, не знам. Но, знам дека изненадната добра воља на СПЦ не е ниту христијанска, ниту опсипана со некаква голема љубов кон МПЦ-ОА. Напротив таа е испирирана од лукративност, од политиканство. Зошто? Затоа што ако СПЦ имаше искрена воља за автокефална црква во Македонија, еве после 20 години тоа можеше да го направи со Јована и ПОА. Но не го направи. Можеше да го направи и со МПЦ-ОА во изминативе 55 години, но не го направи. Можеше и само да се согласи на сослужување, но и тоа не го направи. Зошто сега би направила нешто што можала да го направи многу проано?

Македонските владици би требало да бидат доволно искусни за да можаат да проценат дали велгуваат во замка или не. Би требало да бидат доволно свесни дека автокефалноста е целта, бидејќи тоа им го дожат на оние кои се вградија во оваа црква. Во оваа приказна има многу нелогичности за да се биде така едноставно како што можеби Порфириј ветува…

Пишува: Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *