Антиохискиот патријарх Јован X нема да учествува на средбата на поглаварите на четирите древни источни патријаршии, што Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја свика за 30 ноември во Фенер, Истанбул.
Како што објавува грчкиот црковен медиум „Ромфеа“, патријархот Јован веќе испратил писмено известување до Вартоломеј дека нема да присуствува на средбата. Антиохиската патријаршија досега не објавила официјално соопштение во кое би ги образложила причините за одлуката.
Средбата ја иницираше Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој уште на 4 септември, за време на меѓународен конгрес за црковно право во Будимпешта, соопшти дека ги поканил патријарсите на Александрија, Антиохија и Ерусалим на братска средба во Фенер, по повод празникот на светиот апостол Андреј Првоповикан, кој е престолен празник на Вселенската патријаршија.
Идејата е поглаварите на четирите древни источни патријаршии заеднички да служат и да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат православните цркви. Меѓу темите што ги посочил Вартоломеј се секуларизацијата, положбата на христијаните на Блискиот Исток и заканите за нивното присуство во регионот поради војните и геополитичките промени.
Според информациите што ги пренесува „Двери“, Александрискиот патријарх Теодор II го потврдил своето учество, додека за Ерусалимскиот патријарх Теофил III сè уште нема конечна јавна потврда.
Одбивањето на Антиохискиот патријарх доаѓа непосредно по неговата посета на Москва, каде што на 20 ноември учествуваше во одбележувањето на 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил. Јован X тогаш сослужуваше со Кирил во храмот „Христос Спасител“ и во своето обраќање ја истакна благодарноста на Антиохиската патријаршија за поддршката од Руската православна црква кон христијаните на Блискиот Исток.
Во црковните кругови, одлуката се следи и во контекст на пошироките несогласувања меѓу православните цркви околу украинското црковно прашање и односите со Московската патријаршија.
„Ромфеа“,наведува и непотврдени информации дека на средбата во Фенер можело да се разговара за заедничка изјава со критика кон патријархот Кирил поради неговото богословско оправдување на војната во Украина. Сепак, нема официјална потврда дека таква изјава била подготвувана, ниту дека можноста за нејзино усвојување била причина за одбивањето на Јован X.
Односите меѓу Антиохиската и Вселенската патријаршија имаат и претходни несогласувања. Антиохиската црква не учествуваше на Светиот и велик собор на Крит во 2016 година, образложувајќи го отсуството со нерешениот спор со Ерусалимската патријаршија околу црковната јурисдикција во Катар.

