Грчката полиција истражува сомнежи за долгогодишна нелегална трговија со дозволи за престој на Света Гора, познати како диамонитирија, преку која на поклоници од балканските земји им биле наплаќани значително повисоки суми од официјалната такса.
Според истражувањето на грчкиот весник „Та Неа“, кое го пренесува бугарскиот портал „Двери“, од поклоници биле наплаќани меѓу 300 и 700 евра за организирана посета на Света Гора. Официјалната цена на дозволата, која овозможува престој во текот на четири календарски дена, изнесува од 25 до 35 евра.
Дополнително, сместувањето и храната во светогорските манастири се обезбедуваат бесплатно, па според објавените информации, истражителите проверуваат дали преку посреднички услуги биле извлекувани големи финансиски средства од поклониците.
Според информациите на „Та Неа“, во сомнителната шема се проверува улогата на административни службеници во Светиот Кинотит во Кареја, како и нивната можна соработка со најмалку три или четири туристички агенции од Романија. Агенциите организирале групни посети на поклоници од балканските земји, кои биле превезувани со минибуси до Света Гора.
Истрагата проверува дали бил заобиколуван редоследот на поднесените барања за дозволи, но и дали намерно биле попречувани електронските постапки за нивно издавање, со цел поклониците да бидат насочувани кон посредници.
Се проверуваат и сомнежите дека биле предизвикувани намерни доцнења при издавањето на дозволите, поради кои поклониците морале да престојуваат дополнителни ноќи надвор од Света Гора, во сместувачки капацитети поврзани со роднини на осомничените.
Истрагата е покрената по налог на обвинителството и трае веќе неколку месеци. Според грчките медиуми, побарано е одобрување за следење на комуникациите на осомничени лица, а извршени се и претреси во домови и канцеларии. Во домовите на најмалку тројца осомничени биле пронајдени значителни парични суми. Тие, според објавените информации, ја негираат вмешаноста.
Во извештајот се наведува дека истражителите проверуваат и дали слична мрежа функционирала и во други балкански земји.
Проблемот со комерцијализацијата на поклоничките посети на Света Гора не е нов. Уште во 2025 година, Светиот Кинотит воведе дополнителни ограничувања за издавање дозволи за странски поклоници, изразувајќи загриженост поради зголемениот број посетители и опасноста монашката држава да се претвори во дестинација за религиозен туризам, наместо да го зачува својот монашки и молитвен карактер.

