Во Бигорскиот манастир на 29 ноември (недела) ќе се одржи крводарителска акција, во организација на Општинската организација на Црвениот крст – Гостивар и Институтот за трансфузиона медицина.
Акцијата ќе се одвива од 11 до 15 часот, а со благослов на игуменот, епископот Антаниски Партениј, манастирското братство упати повик до верниците и сите граѓани кои се во можност да даруваат крв.
Од Бигорски посочуваат дека акцијата се организира на почетокот на Божикниот пост, нагласувајќи ја поврзаноста на постот со христијанската љубов, милосрдието и грижата за ближниот.
„Вистинската смисла на постот не се состои само во воздржувањето, туку пред сè во отворањето на нашето срце за Бога и за ближните, особено за оние на кои им е потребна нашата помош“, се наведува во повикот на манастирското братство.
Оттаму додаваат дека дарувањето крв е чин на несебична љубов преку кој може да се спаси човечки живот и да се помогне на семејство во тешки моменти.
Сите заинтересирани крводарители треба со себе да понесат документ за лична идентификација.
„Дарувај крв – подари живот, разбуди надеж!“, порачуваат од Бигорскиот манастир.

