Здравствената состојба на бачкиот митрополит Иринеј Буловиќ и натаму е тешка, но лекарите забележуваат секојдневно подобрување. Нови информации за состојбата на архиерејот на Српската православна црква (СПЦ) соопшти архиѓаконот Драган Радич во емисијата „Епикеротита“ на грчкото радио „Пемптусија ФМ“, на 18 ноември.
Според неговото сведочење, митрополитот и натаму се наоѓа во болница, каде што неодамна бил опериран на дебелото црево. По операцијата првично следело нормално закрепнување, но два дена подоцна се појавиле компликации, поради кои неговата здравствена состојба се влошила.
Митрополитот веќе пет дена се наоѓа на одделението за реанимација и интензивна нега.
Архиѓаконот Радич нагласил дека состојбата останува сериозна, но дека според информациите од лекарите кои се грижат за него, постојат охрабрувачки показатели и се забележува видливо подобрување од ден на ден.
Тој на крајот упатил повик до верниците да продолжат да се молат за здравјето и закрепнувањето на бачкиот митрополит.
СПЦ претходно, на 12 ноември, ги повика верниците на молитва за оздравување на митрополитот Иринеј, откако беше објавено дека неговата здравствена состојба е сериозна и дека се наоѓа во индуцирана кома по оперативниот зафат.
Митрополитот Иринеј Буловиќ е на чело на Епархијата бачка од 1990 година. Во 2024 година ја доби титулата архиепископ новосадски и митрополит бачки. Станува збор за еден од највлијателните архиереи на СПЦ, кој со децении има значајна улога во црковниот живот и богословската дејност на Српската православна црква.

