Македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и епископот Хераклејски Климент пристигна денеска во Москва, каде што ќе учествува на свеченостите по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил.
На аеродромот „Шереметјево“ во Москва, македонските архијереи биле пречекани од архиепископот Пјатигорски и Черкески Теофилакт, како и од Сергеј Бекешченко, соработник на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија.
Посетата на македонската делегација ќе трае до 24 ноември, а се реализира со благослов на архиепископот охридски и македонски Стефан.
Во рамки на престојот во Москва, предвидено е заедничко сослужување со патријархот Кирил и претставници на други помесни православни цркви во храмот „Христос Спасител“, како и прием во резиденцијалниот Свето-Данилов манастир, каде што македонските архијереи ќе остварат средба со рускиот патријарх, соопшти Синодот на МПЦ-ОА.
Програмата на посетата предвидува и посета на неколку московски светињи.

