Бигорскиот манастир упати благодарност до Вселенскиот патријарх Вартоломеј по повод 35-годишнината од неговиот избор на патријаршискиот престол, истакнувајќи го неговото значење за враќањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во евхаристиско општење со православниот свет.
Во обраќањето, објавено по повод јубилејот, монашкото братство предводено од епископот Антаниски Партениј потсетува дека одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година претставувала пресвртница по децениите црковна изолација на МПЦ-ОА. Манастирот нагласува дека Вартоломеј и Светиот синод на Вселенската патријаршија го направиле решавачкиот прв чекор кон обновувањето на евхаристиското единство.
„Не смееме да го заборавиме и со златни букви треба да го запишеме во народната меморија оној кој прв ја отвори вратата низ која влеговме во тоа благословено заедништво“, се наведува во обраќањето на Бигорскиот манастир.
Од манастирот посочуваат дека благодарноста кон Вселенскиот патријарх не е само чин на почит, туку и обврска на историското паметење. Притоа се потсетува и на зборовите на архиепископот Стефан, кој 9 мај го опишал како ден на духовна и народна памет, благодејание и чест.
Осуда на нападите врз Вселенскиот патријарх
Посебен дел од обраќањето е посветен на нападите, навредите и клеветите што се упатуваат кон Вартоломеј. Бигорското братство прави разлика меѓу легитимното богословско несогласување и личните напади врз црковен поглавар, оценувајќи дека клеветењето и омаловажувањето се спротивни на христијанската љубов и благодарност.
„Едно е искрено и одговорно расудување, а сосема друго се злобата, омаловажувањето и клеветењето на ближниот“, се наведува во текстот.
Во обраќањето се потсетува дека Вартоломеј, покрај улогата во надминувањето на црковните поделби, со децении се залага за меѓуправославно разбирање, мир, достоинство на човекот и заштита на природата, поради што е познат и како „Зелениот патријарх“.
Бигорскиот манастир нагласува дека црковното единство не треба да се претвора во простор за соперништво и надмоќ, туку да се гради врз помирување и грижа за сите членови на Црквата.
„Црквата не е простор за надмоќ и соперништво, туку Тело Христово, во кое раната на еден член станува болка за сите, а исцелението на една разделба – заедничка радост“, се истакнува во обраќањето.
Вартоломеј беше избран за Вселенски патријарх на 22 октомври 1991 година. Во текот на неговото патријаршко служење, Вселенската патријаршија беше вклучена во низа процеси поврзани со меѓуправославните односи, христијанскиот дијалог и прашањата за црковното единство.
За Бигорскиот манастир, неговото наследство има особено значење поради одлуката од мај 2022 година, со која Вселенската патријаршија ја прими јерархијата, свештенството и верниот народ на МПЦ-ОА во евхаристиско општење, отворајќи пат за надминување на долгогодишната изолација.

