Божјото слово може да се сочува во чисто и отворено срце, т.е. кога енергијата и суштината на умот се чисти од страстите, гревот и демоните и кога во него ни се открива соборниот живот на взаемното проникнување – на сите нас со Бог и меѓу себе. Оваа чистота се достигнува на духовниот развој што го нарекуваме – просветлување на умот.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Христос Самиот ни го објаснува евангелието за „сејачот на семето“. За нас е битно дека семето е словото Божјо и дека негов автентичен носител е несоздадената енергија Божја, т.е. благодатта Божја. Ние со Бог, и меѓу себе, комуницираме со помош на нашите лични енергии, а центар на таа комуникација е нашето духовно срце. Нашето срце е примопредавател и на словото Божјо.
Срцето е центар на нашата личност, односно, центар на нашата словесна сила – умот, преку која го примаме и предаваме и Божјото и нашето слово, како и центар на нашата волја и желба – кои треба да се под контрола на умот, а со чија помош го исполнуваме словото Божјо на дело. Во исполнување на словото ни содејствува благодатта Божја која преку Крштението ја имаме примено во срцето.
Значи, срцето е, пред сѐ, центар на Евхаристијата, прво – на нашето лично Благодарење, каде што самите себеси, еден со друг и сиот наш живот на Христос Бог и молитвено Му ги принесуваме, а потоа, истото, соборно го правиме и на Светата Литургија – за живот на светот. Срцето ни е и првото место на Неговиот одговор – на Неговото Себепринесување на нас; од Крштението до Есхатонот.
Божјото слово може да се сочува во чисто и отворено срце, т.е. кога енергијата и суштината на умот се чисти од страстите, гревот и демоните и кога во него ни се открива соборниот живот на взаемното проникнување – на сите нас со Бог и меѓу себе. Оваа чистота се достигнува на духовниот развој што го нарекуваме – просветлување на умот.
Просветлувањето произлегува од умно-срдечната молитва.
Чистото срце го прифаќа и претвора словото Божјо во Божјо дело, а извршеното Божјо дело – по Божја волја и во слава Божја, го преобразува и обожува и нашето лично слово, кое оттогаш се смета за Божјо слово, т.е. слово со сила – слово полно со Божја несоздадена енергија. Ова значи дека, сејач на словото Божјо, пред сѐ е Бог, но и секој човек – во Бог, кој го осветил своето лично слово.
Словото Божјо е дар за очистеното срце од гревот и отворено за пројавување на Божјата благодат, која сите ние, ја примаме од моментот на нашето Крштение. Отвореното срце ни ги отвора сите перспективи на Царството Небесно, нѐ исцелува од енергетското растројство и нѐ прави – стварно да сме живи, а не само по име.

