Амбасадорот на Македонија во Норвешка, Дритон Кучи, присуствуваше на литургијата и доби благодарница од митрополитот европски Пимен за неговиот придонес и поддршката на македонската православна заедница во Норвешка, за време на одбележувањето на храмовата слава на Македонската православна црковна општина „Преподобна Параскева – Света Петка“ во Осло.
Храмовата слава беше одбележана со празнична Вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитот Пимен, во сослужение на протопрезвитер-ставрофор Блажо Кожарски. Во текот на богослужбата беше извршен и чинот на Малиот водосвет, а потоа беше прекршен празничниот колач.
На свеченоста присуствуваа и директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Оливера Трајковска, амбасадорот на Хрватска во Норвешка, Андреа Густовиќ-Ерцеговац, како и претставници на Католичката црква во Норвешка.
Со врачувањето на благодарницата, митрополитот Пимен му оддаде признание на амбасадорот Кучи за неговата посветеност и соработката со македонската православна заедница во Норвешка.
Одбележувањето на храмовата слава продолжи со заедничка празнична вечера за присутните верници и гости.














