На поменот на српските војници сослужуваше и свештеник од МПЦ-ОА
Викарниот епископ хвостански Алексеј од Српската православна црква на Кајмакчалан го осветил новото ѕвоно за спомен-капелата на врвот, во рамките на одбележувањето на 110-годишнината од Кајмакчаланската битка.
На богослужбата, покрај свештенослужители од Српската православна црква, сослужуваше и протојереј-ставрофор Златко Костовски од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Епископот Алексеј во спомен-капелата отслужи помен за загинатите српски војници, а потоа го освети новото ѕвоно. Помен беше служен и пред костурницата во која се положени посмртните останки на српските војници, објави телевизијата на СПЦ, ТВ Храм.
Новото ѕвоно е поставено како спомен на загинатите војници и, како што истакнал епископот Алексеј, треба со своето ѕвонење од врвот на Кајмакчалан да сведочи за нивната жртва и да повикува на молитва.
Во обраќањето, српскиот владика зборуваше за Кајмакчалан како место на страдање и жртва на српските војници во Првата светска војна, нагласувајќи дека значењето на ова место не може да се разбере само преку историските податоци, туку и преку непосредното соочување со местото каде што загинале војниците.
На одбележувањето присуствуваале српскиот министер за работа, вработување, борачки и социјални прашања Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, претставници на државните, воените и локалните власти од Србија и Македонија, дипломатскиот кор, припадници на Војската на Србија, како и претставници на српската заедница во Северна Македонија.




