И покрај договорот со Грција останките на цар Самуил да бидат предадени на Бугарија на 3 октомври и пренесени во Софија, во бугарската јавност продолжува дебатата дали тие воопшто треба да бидат преместени од местото каде што биле пронајдени – базиликата „Св. Ахил“ во Мала Преспа.
Бугарската влада вчера соопшти дека е постигнат договор со Грција за враќање на тлените останки на цар Самуил. На 3 октомври во Музејот на византиската култура во Солун треба да се одржи церемонија на која грчката страна официјално ќе ги предаде останките на бугарската држава. Потоа тие со авион „Спартан“ треба да бидат пренесени во Софија и положени во саркофаг во црквата „Св. Софија“.
Но, непосредно пред најавеното пренесување, во Бугарија се појавија и гласови кои го доведуваат во прашање самото решение.
Бугарскиот историчар и новинар Јавор Сидеров оцени дека одлуката за пренесување на останките претставува „историографска, симболичка и практична загуба за Бугарија“. Според него, најсоодветно би било Самуил и неговиот син Гаврил Радомир повторно да бидат погребани таму каде што почивале околу илјада години – во базиликата „Св. Ахил“.
Сидеров смета дека Самуил не треба да се издвојува од историскиот простор со кој е поврзан, односно од Мала Преспа, Преспа и поширокиот југозападен простор на средновековната бугарска држава. Во неговата интерпретација, пренесувањето на телото во Софија ја прекинува врската со местото кое може да се разбира како „место на сеќавање“.
Според Сидеров, почитувањето на Самуил токму на местото каде што бил погребан би било можност за Бугарија да ја нагласи историската поврзаност на регионот, без од тоа да се создава националистички или територијален гест.
Сличен став претходно изнесе и новинарот и историчар Горан Благоев, кој остро се спротивстави на идејата останките да бидат пренесени во Софија.
Благоев нагласува дека Грција, според него, не ги „враќа“, туку ги „дава“ останките, бидејќи Самуил починал во областа Мала Преспа, на територијата на денешна Северна Грција. Тој смета дека, доколку се почитува историскиот контекст, останките треба повторно да бидат погребани во „Св. Ахил“.
Тој предлага на местото да биде поставен соодветен спомен-натпис на бугарски, грчки и англиски јазик, со кој би се означило дека токму таму бил откриен гробот на цар Самуил и дека областа била поврзана со неговата држава.
Во исто време, Благоев го отвора и прашањето за условите под кои Грција ги предава останките. Според неговите тврдења, во грчките медиуми се зборува за принцип на реципроцитет, односно за враќање на одредени црковни и културни предмети во замена за останките. Ова прашање во бугарската јавност веќе предизвикува дополнителна дебата за тоа што точно е договорено меѓу двете држави.
Наспроти овие критики, дел од бугарските историчари и јавни личности го поддржуваат пренесувањето.
Историчарот проф. Пламен Павлов изјави дека најприродно место за погребување на Самуил е базиликата „Св. Софија“ во Софија. Тој смета дека со тоа останките би биле достапни за почитување, вклучително и од граѓани од Северна Македонија, и го поврзува Самуил со заедничката историска меморија на Бугарите и Македонците.
Во меѓувреме, официјалната процедура продолжува. Според најавите на бугарската влада, на 3 октомври останките ќе бидат предадени во Солун, а потоа свечено пренесени во Софија. Бугарскиот премиер Румен Радев ги повика граѓаните да учествуваат во пречекот и во поворката до „Св. Софија“.

