Чанак: Не би се изненадил ако СПЦ утре го прогласи Младиќ за светец

Date:

Share post:

„Не би се изненадил ако СПЦ утре го прогласи за светец“, изјави поранешниот српски пратеник и лидер на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, коментирајќи го погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во Белград.

Чанак ја критикуваше улогата на Српската православна црква и патријархот Порфириј, кој служеше опело на Младиќ, оценувајќи дека начинот на кој е организиран погребот испраќа силна политичка и општествена порака.

„Патријархот зборуваше за ‘генералот Ратко’ и со тоа, всушност, најави беатификација на Ратко Младиќ. Немојте да се изненадиме ако СПЦ утре го прогласи за светец. Ни тоа не би им било првпат“, изјави Чанак.

Тој се осврна и на аргументот што, според него, бил присутен на погребот – дека Младиќ „спречил нов Јасеновац“.

„Таа приказна цели кон колективната траума што постои кај Србите и така се тврди дека станува збор за одбрана. Само не разбирам како некој што бил вооружен се бранел од некого што немал оружје? Тоа баш и не држи вода“, вели Чанак.

Според него, односот на СПЦ кон Младиќ не е изолиран случај, туку дел од поширок однос кон осудените за воени злосторства.

Чанак вели дека не е изненаден од начинот на кој бил организиран погребот и смета дека во целиот процес се гледа вмешаноста на државните структури и власта на претседателот Александар Вучиќ.

Како аргументи ги посочи државните и воените почести, присуството на министри и други функционери на комеморацијата, опелото што го служеше патријархот Порфириј, како и директниот телевизиски пренос на погребот на повеќе провладини телевизии.

„Клерофашизмот во Србија започна пред многу години, а замав доби со дејствувањето на Војислав Коштуница, а денес е во полн ек“, изјави Чанак.

Тој како елементи на она што го нарекува фашизам ги наведе милитаризмот, инсистирањето на историско право и традиција, искривувањето на историјата и поттикнувањето нетрпеливост.

Чанак, кој беше остар критичар на режимот на Слободан Милошевиќ, а подоцна и на власта на Александар Вучиќ, со години ја критикува српската националистичка политика и политиките од 1990-тите.

Изјавите Чанак ги даде во интервју за српскиот медиум „Симптом“, во кое го коментираше погребот на Младиќ и пошироката политичка и црковна атмосфера околу него.

1 COMMENT

  1. Да не претеруваме, Патријархот Порфириј не најави со ништо канонизација на Ратко Младиќ.
    Факт е дека Србија (или ЈНА) грубо кажано не го почитуваше правото на самоопределување на републиките од СФРЈ за доброволно одвојување од федерацијата, право вградено во Уставот на СФРЈ, што сепак остава простор да се побараат причините во начинот на кој Словенија и особено Хрватска тргнаа да си го остварат тоа право. Факт е и дека тогашните сепски лидери подобро ги прочитаа намерите на западните мисионери, визионери итн. за заедничка европска иднина од останатите, и имаа подобар увид во хибридните напади на југословенскиот економско-политички систем од таа страна на глобусот.
    За разлика од сите други социјалистички општества во тоа време (и тоа општества, држави од многу поригорозниот Варшавски пакт), кои мирно и достоинствено се разидоа, односите меѓу повеќето југословенски републики трагично се искомплицираа. Па и внатрешно, во скоро секоја од нив беше изведена разбојничка приватизација на општествениот капитал.
    Но, тоа е страшно минато кое треба да остави пример и поука, а не мотив за дополнителни конфликти.
    Канонизирање на личност како генералот Ратко Младиќ (колку и да е неговиот подвиг во духот на древните српски или црногорски легенди, колку и да изгледа од некои аспекти дека ги заштитил православните од нивните друговерни непријатели) само по себе би значело непотребно и неосновано објавување војна на некои од соседните народи. И верувам дека врвот на Српската Православна Црква тоа го знае.
    Подобро би било дури и засегнатите народи да го прифатат тој погреб со високи почести како дел од српската историска култура одошто да му придаваат поголемо политичко значење и тежина одошто навистина има. Знам дека звучи бизарно за Хрватите и за Босанците, но на нивно место јас би испратила пораки со сочувство. Сочувство и кон жртвите на неговите стратешки одлуки и кон неговото ужалено семејство и кон српскиот народ. Зашто на крајот на краиштата во таа војна немаше победници. Сите (освен Албанците што живееја во југословенските републики) нешто изгубија и денес полека народите закрепнуваат од нејзиното зло. Време е за посветла иднина за сите југословенски народи: без посредници, без извештаченост, без претерувања, без замолкнувања. И онака секој ја гради својата иднина врз досегашниот историски опит и врз своите природни склоности, својства и усвоени или создадени цивилизациски придобивки. Бог да ги прости покојните и да ги просверли, спаси и помилува живите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img