Рускиот протојереј Андреј Ткачов предизвика реакции со изјавата дека луѓето кои ги критикуваат своите претпоставени, вклучително и државната и црковната власт, на таквото однесување биле „подучени од сатаната“.
Ткачов, кој е настојател на храмот „Живоносна Троица во Хохли“ во Москва, своите ставови ги изнел во видео објавено на неговата страница на социјалната мрежа VK.
Според него, односот на човекот кон власта и претпоставените е директно поврзан со исполнувањето на библиската заповед: „Почитувај ги татка си и мајка си.“
Ткачов смета дека човек кој уште од детството научил да ги почитува и слуша своите родители, подоцна ќе има почит и кон оние што се поставени над него во општествената хиерархија.
„Ако ги почитувам таткото и мајката, тогаш растам и се навикнувам да ги слушам началниците“, вели протојерејот.
Тој употребил и значително поостар речник, наведувајќи дека оној кој вистински ја носи оваа заповед „во срцето и во крвта“ го почитува началството и „не ја отвора својата гнилозаба уста против секој началник“.
Според Ткачов, современиот човек, напротив, лесно ги осудува оние што се на повисоки позиции – без разлика дали станува збор за државната или за црковната власт.
Токму во тој контекст тој го поврзал критикувањето на власта со дејствувањето на сатаната.
Протојерејот посочил дека луѓето биле „подучени од сатаната“ да го злословуваат началството – „државното, црковното“ – и биле измамени да веруваат дека на највисоките позиции се наоѓаат најнеспособните луѓе.
„Ништо не им е свето. Ја злословуваат власта… Не се плашат. Живеат како демони“, изјавил Ткачов.
Рускиот свештеник отишол и чекор понатаму, тврдејќи дека почитувањето на родителите и навиката на послушност можеле да спречат и големи историски потреси во Русија.
Според него, доколку луѓето вистински ја почитувале заповедта за почитување на таткото и мајката, во земјата немало да има револуции и бунтови, бидејќи тие би се плашеле да „кренат рака против оние што Бог ги поставил над нив“.
/crkovenzurnal.com


Па, има вистина во тие тврдења: денес честопати и меѓу православните владее уверувањето дека врховната власт секогаш е во рацете на нечесни луѓе. Барем во Македонија така било откако паметам. Очекувањата кај верниците поврзани со претседателите, премиерот, министрите итн. се тие луѓе на своите позиции да покажат искреност, понизност, смирение итн. еднакви на покајниците на првиот степен на духовен раст, што се разбира е повеќе од неразумно. Добродетелите кај владетелите не може да имаат идентичен видлив квалитет како оние на луѓето чија прва и единствена цел е да си го очистат срцето од страстите, да ги проверуваат сите свои помисли со духовниот отец, да покажат безусловно послушание кон него, да се согласуваат дека магарето лета за да се одречат од својствата на својот паднат ум итн. Впрочем, во Русија обид за такво нешто еднаш се случи: цело царско семејство абдицираше, беше прогонето и убиено заради првенството на духовниот подвиг над управувањето со империјата.
Владетелот мора да биде на пр. и стратег, значи не може да биде простодушен и истовремено да биде владетел кој им доскокнува на лукавствата на непријателите на својот народ. Може да биде лукав како змија и незлоблив како гулаб, но не значи дека народот во тој случај лесно ќе ја забележи неговата незлобливост. Заповедта на несудење и неосудување верниците најретко ја применуваат кон политичарите, кон властите. Од властодршците сите имаат најголеми очекувања. Не дека високите овластувања не се поврзани со големи можности за манипулации и проневери, но да судиш за поединецот врз основа на неговиот напредок во општествената хиерархија значи да се лишиш себеси од можност да стекнеш вистинско познание за квалитетите и добродетелите на тој човек.
Современиот човек е дрзок по автоматизам, тоа е еден вонреден тренд: да се бараат секакви права и придобивки од властите, основано и неосновано, сразмерно со реалните можности и заслуги или тотално несразмерно. Да се отфрлаат одговорностите (за првачињата мајките прават или купуваат торти, во чест на нивното зачекорување во училиште, роднините и пријателите им подаруваат предмети што ќе им го направат учењето попријатно, попривлечно и позабавно, им се посакуваат многу радости со другарчињата…, но ако поминете покрај едно основно училиште може да забележите училница во која сите деца истовремено врескаат, а учителката беспомошно го чека нивното доброволно ситвнување или знакот на спасителното училишно ѕвонче, тоа со свои очи сум го видела; во некои земји дури учителките лично ги возат децата од дома до училиштето и назад, услов за вработување е возачка дозвола; во првите години од основното образование децата не се ни оценуваат… со други зборови, дисциплината и строгоста се исфрлени од педагошките практики, одговорноста е поим кој се користи во некои млитави, изопачени форми уште од детството, децата воопшто немаат претстава дека треба да го почитуваат секој возрасен човек, дрски се со луѓето на улица, се закануваат со пријави во полиција во случај да им се укаже на непристојно однесување, тие им даваат имиња на своите новородени браќа и сестри, одлучуваат каде ќе се оди на летување, тие се слаткиот врховен авторитет во семејството!)
Овој свештеник зборува од историскиот опит на рускиот народ: закрепостените селани со својата жива православна вера го носеа бремето на руските феудалци со векови, изградија еден умилителен христијански идеал во кој се бришат контурите на економската подвластеност под благодатниот облак на нивното величествено смирение и безусловна љубов, се’ уште живее тој дух кај рускиот човек во сибирските села на пример, па и многу пошироко и мошне длабоко. Наместо да се занимаваат со постојано роптање и бунтување, сплотени во сите неволји овие луѓе ги надминуваат заедно, и тоа заедно со сите свои предци и потомци, ги премавнуваат сите неволји и искушенија на времето во кое живеат. А тоа е навистина голема работа, тоа е мудрост на која потресите и мените на овој век не и’ можат ништо.