Во пресрет на почетокот на постот, Европскиот митрополит Пимен упати духовна порака до верниците, повикувајќи ги да постат од љубов кон Бога, а не од страв или слепо придржување кон правилата, туку според своите сили и можности.
Пишува: Пимен, Европски (Фејсбук статус)
Пред постот:
„Бдејте! Стојте цврсто во верата, бидете мажествени, бидете силни! Сѐ при вас да станува со љубов“ (1 Кор. 16, 13-14). Така нѐ учи апостолот Павле, така ве учам и јас вас, па затоа ќе ви речам: сѐ што правите, драги ем мили мои, кај вас нека станува од љубов, па и постот, кој почнува веќе утре, постете го од љувов. Не постете од страв, не поради типик, не поради правилата и одредбите на Светата Црква, не од зарекување, не поради некого (децата или родителите), не поради диета и здравје, туку едноставно од љубов кон Бога. Бидејќи, пак ќе рече апостолот: „Оној што ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разли¬кува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Го фали Бога“ (Рим. 14,6)
И уште, сакам да знаете: Сѐ нека биде според силата ваша, па и постот. Не бара Господ Бог од вас да се префорсирате поради објавеното правило за постот. Не бара Господ Бог да го жртвуваме здравјето во докажување на силата наша пред другите браќа што би ни ја подгреало гордоста. Та знае Создателот наш дека иста сила немаат, децата и возрасните, болните и здравите, старите и младите, физичките работници и оние со помирна работа, оние кои патуваат и оние кои можат во домашни услови да го држат постот, па затоа не се фиксни ни правилата. Православието е личносна вера, па и постот се прилагодува спрема силата и можноста на личноста. Исповедта ни ја дава таа можност да се запознаеме личносно меѓу себе за да ни се благослови постот според нашата состојба. Затоа не робувајте им на правилата поради страв. Советувајте се со вашите отци. Зашто кај што пребива љубовта, таму стравот исчезнува. Посакувајќи ви богоугодни пости, уште еднаш, како апостолот, ќе ви речам: бдејде во молитва, а не пред типикот на постот да не згрешите. И ако некој ден погрешите, намерно или ненамерно, со храната од благословеното личносно правило, не очајувајте. Очајот повеќе нѐ оддалечува од Бога отколку еден залак мрсна храна.
П. С. Еве го и официјалниот типик за овој пост за оние кои имаат сила и љубов да се држат до него, а на останатите – за ориентација.

