Колку Епископот ќе има и внатрешно духовно покритие за чинот што го носи, толку ќе има и духовен авторитет меѓу верните; но сепак, административната власт му е неприкосновена. Секако неговото првенство по „власт“ е да им служи на луѓето, но доколку тој нема внатрешно духовно покритие за својата позиција, тој неизбежно ќе ги стави другите во улога да му служат нему, на неговите страсти и да се соблазнат од него, односно, да го стават под знак прашање, дури и административното послушание кон него.
Пишува: Струмички Наум
Евангелието што денес го чувме, уште еднаш, ни ја покажува разликата помеѓу административната власт и духовната власт; помеѓу административното послушание и послушанието како инструмент на духовното раководство.
Кога Богочовекот Христос ги прекорува јавно само луѓето, но не и своите ученици: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?“, Тој тогаш, ја заштитува цврстата ерархиска овоземна организираност на Црквата, преку која се чува единството – од Локалната, па сѐ до Соборната Црква. Со други зборови, со тоа што Господ Исус, не го нарушува авторитетот на Своите ученици – т.е. Епископите, пред луѓето, Тој ги нагласува административната власт и административното послушание во Црквата.
Значи, Господ Христос ни говори овде и го нагласува, пред сѐ, административното послушание, т.е. односот и почитта кон оној што е поставен да ја раководи Црквата – кон Епископот на локалната Црква, како и кон првиот по чест и во Помесната црква и во Соборната Црква, а не толку послушанието како духовно раководство. Првово „послушание“ ни е точно канонски одредено, а за второто, имаме одредена слобода – кој духовно ќе нѐ раководи, сѐ до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва; потоа сме слободни од таквото послушание; но, од „административното послушание“ – никогаш во овој свет.
„Првенство по власт“ има секој Епископ само во својата локална Црква. Тоа првенство е, пред сѐ, светотаинско и административно. Тоа првенство го доделува Соборот на Помесната црква, а го обезбедуваат и го утврдуваат светите Канони на Црквата. Административната послушност кон ова првенство го обезбедува, барем, административното единство на локалната Црква. А „првенството по чест“, т.е. своевидната административна почит и „послушност“ кон него, го обезбедува барем единството на Помесната црква, како и единството на Соборната Црква.
Но, Неговите ученици уште немаат духовен авторитет – да ги раководат луѓето во нивниот духовен развој, т.е. немаат духовна власт – да истеруваат демони: „Зошто не можевме ние да го истераме? А Исус им рече: Заради вашето неверие… Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.“ Со други зборови – можеш да ги истеруваш демоните од другите, ако прво ги истераш од себе, од своето срце.
Колку Епископот ќе има и внатрешно духовно покритие за чинот што го носи, толку ќе има и духовен авторитет меѓу верните; но сепак, административната власт му е неприкосновена. Секако неговото првенство по „власт“ е да им служи на луѓето, но доколку тој нема внатрешно духовно покритие за својата позиција, тој неизбежно ќе ги стави другите во улога да му служат нему, на неговите страсти и да се соблазнат од него, односно, да го стават под знак прашање, дури и административното послушание кон него.
nauНеправењето разлика помеѓу административната и духовната власт; помеѓу административното послушание и послушанието како инструмент на духовното раководство е голем проблем денес во Црквата. Мнозина си велат во себе: „гледај го овој каков е, него ли ќе го слушам?“ и создаваат збрка во црковната заедница. Каков и да е Епископот, тој е ставен од Црквата со првенство на чест или на власт и тој треба апсолутно да се слуша во ерархиската поставеност и во административните работи, сѐ додека Црквата не постави некој друг на негово место; а кој духовно ќе ги раководи и кај кого ќе се исповедаат луѓето, тоа е нивен проблем. Добро би било административната и духовната власт да се поклопуваат – колку што може повеќе; а идеален е – единствено Богочовекот Исус Христос.
Господ да нѐ просветлува сите!

