Бугарскиот патријарх Даниил го коментираше скандалот во бугарската црква Свети Георги во Одрин, откако грчки митрополит не дозволил во храмот да се одржи празнично богослужение на бугарски јазик, оваа сабота по повод Ѓурѓовден.
Даниил изјавил дека недоразбирањето меѓу митрополитот Амфилохиј и бугарската заедница трае веќе подолго време и им е познато и на црковното настојателство и на институциите одговорни за црквите во Истанбул и Одрин, вклучително и на Константинополска патријаршија. Според него, ваквото спротивставување води кон логични последици и потсетува на историските борби од пред 150 години за правото на богослужение на бугарски јазик, пренесува БНТ.
Патријархот изрази недоумение од ситуацијата, поставувајќи го прашањето каков е проблемот да биде отслужена литургија на бугарски јазик од свештеник на Вселенска патријаршија, кога во храмот присуствувале околу 150 Бугари, кои дошле токму за богослужение. Тој нагласи дека ваквите постапки создаваат непотребни тензии и недоразбирања, иако во минатото биле постигнати решенија поврзани со правото на богослужение на бугарски јазик.
Според патријархот Даниил, проблемот е правно решен, но во практика продолжуваат да се појавуваат тешкотии, поради што е потребен дијалог и изнаоѓање мирно и поволно решение кое ќе гарантира редовно богослужение на разбирлив јазик.
