Најскапи велигденски јајца во Европа: духовната криза во „библиска“ Македонија излегува на виделина – кој е виновен?

Date:

Share post:

Кога сиромашниот човек не може да си дозволи ни јајца за Велигден – тоа не е економија, тоа е морален пораз.

Пишува: Т.А.

Во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден – Македонија повторно се најде на врвот, но не по добродетелта, туку по поскапувањата. Јајцата, симболот на Христовото Воскресение и новиот живот, поскапеа за над 26%. И не само тие – лебот, месото, млечните производи. Сè што му треба на човекот за празнична трпеза расте токму тогаш кога треба да стане подостапно.

Но ова веќе не е само економска приказна. Ова е огледало на едно општество кое се нарекува христијанско – но не живее како такво.

Црквите се полни. Свеќи се палат. Луѓе се причестуваат. Но надвор од храмот – истите тие луѓе, истите тие „верници“, истите тие трговци – ги креваат цените без трошка совест. Велигден станува бизнис, а не празник.

И тука почнува вистинското прашање: Дали навистина сме христијанско општество – или само се нарекуваме така?

Христијанството не е обред. Не е традиција. Не е само одење во храм за да почувствуваме мир.

Христијанството е пред сè одговорност пред Бога. Христијанството е љубов, жртва, милостивост. А каде е милоста?

Кога сиромашниот човек не може да си дозволи ни јајца за Велигден – тоа не е економија, тоа е морален пораз. Кога некој свесно ќе ја искористи побарувачката за да заработи повеќе на туѓа мака – тоа не е пазар, тоа е духовна сиромаштија. И затоа мора да си го поставиме најнепријатното прашање: дали проблемот е во економијата – или во нас? и уште потешкото – кој е виновникот?

МПЦ како безгласен сведок

Македонската православна црква – Охридска архиепископија сѐ почесто остава впечаток на безгласна буква во општеството. Наместо пророчки глас што ќе ја разобличи неправдата – глас што ќе допре до срцата и совеста на луѓето – таа се сведува на институција што функционира административно, како дел од системот, а не како негов коректив кога општествениот живот не е во склад според Евангелските критериуми.

Со децении, нејзиното дејствување се ограничува главно на обреди, традиции и формални духовни активности. Но каде е живата проповед? Каде е јасниот став против алчноста, неправдата и експлоатацијата?

Кога Црквата молчи – или уште полошо, кога нејзиниот глас не допира до народот – празнината ја пополнува духот на времето. А тој дух денес не е евангелски, туку потрошувачки и егоцентричен. И тука неизбежно се поставува прашањето: – ако народот не се стекна со жива христијанска свест – кој ќе одговара? Дали вината е само кај поединецот? Или и кај оние што со децении имаат мисија да го воспитуваат во верата? Зашто сведувањето на верата на обред и обичај не е неутрално – тоа создава генерации што: -веруваат формално и суеверно, -живеат спротивно на верата, -и не чувствуваат одговорност за ближниот.

И така, Црквата – наместо да го преобразува општеството – станува негов одраз. Полни храмови, празна совест Со децении живеевме во систем каде „снајди се“ беше правило, а не исклучок.

Комунистичкиот менталитет не исчезна – само ја смени формата. Наместо идеологија, денес имаме алчност. Наместо колектив, имаме индивидуален интерес по секоја цена. И во таков систем, верата остана на површината. Лесно е да се каже „Христос воскресе“. Тешко е да се живее така. Вистината е болна: -имаме народ што верува по навика, но не живее по вера. И затоа Велигден кај нас често изгледа вака: полни храмови – празни срца, свеќи во рака – но без светлина во делата.

Ова не е критика за да навредиме, туку за да се разбудиме. Зашто Велигден не е само празник на Воскресението Христово – туку повик за воскресение на човекот. Ако не станеме подобри, помилостиви, поискрени – тогаш сите тие јајца, свеќи и богослужби остануваат само форма. Без суштина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img