Се чини дека во таборот на УПЦ КП настанал раскол, кој всушност се наѕираше уште пред половина година
Пишува: Сергиј Шумило (Авторот е историчар, новинар и доктор по Теологија)
Сè уште не успеале да го опеат и погребаат патријархот Филарет Денисенко, а веќе 7 епископи од поранешната УПЦ КП преку онлајн состанок си „избрале“ нов „киевски патријарх“. За таков е прогласен сумскиот архиепископ Никодим Кобзар, роден 1971 година, поранешен питомец на воено воздухопловно училиште (1988–1991). За неговиот избор соопшти државјанинот на Руската Федерација, „севсеруски егзарх“ и белгородски митрополит Јоасаф Шибаев, кој живее и служи како „егзарх“ на УПЦ КП во Русија. Во својата изјава, објавена на интернет, овој архиереј наведува:
„Ние учествувавме во електронски формат во изборот на претстојателот на Украинската православна црква – Киевска патријаршија. Своите гласови ги дадовме во корист на преосвештениот Никодим, архиепископ сумски и ахтирски. Го поздравуваме новоизбраниот Никодим, патријарх киевски и на цела Рус-Украина. Изборот беше извршен по единствениот правилен канонски пат — преку доброволно изразување на волјата на архиереите. Тоа е единствената канонска основа за избор на претстојател. Што се однесува до некакви несогласувања со подзаконски акти од чиновнички карактер, тие немаат никаква врска со внатрешниот, благодатен живот на Црквата. Уште повеќе што граѓанскиот устав на Киевската патријаршија беше поништен од чиновници, правно тој не постои, а канонски никогаш и не постоел. Регистрацијата на нов граѓански устав на Црквата е првостепена задача на новоизбраниот претстојател.“
Категорично одби да учествува во овој онлајн настан управникот на работите на Киевската патријаршија и секретар на Синодот, архиепископот Белоцерковски Андреј Маруцак, повикувајќи се на „нарушување на правилникот и уставот на УПЦ КП“. Покрај него, учество одбија уште тројца архиереи — митрополитот Авксентиј Маринес, митрополитот Хризостом Калис и епископот Лука Згоба. Не учествуваше ниту епископот Авив Панку од Молдавија.
Се чини дека во таборот на УПЦ КП настанал раскол, кој всушност се наѕираше уште пред половина година, кога архиепископот Никодим (Кобзар) двапати се обиде да иницира отстранување на патријархот Филарет „поради здравствени причини“ и да се прогласи за „местобљустител“ додека патријархот сè уште беше жив.
Зачудува тоа што овие луѓе не го почекаа ни опелото и погребот на својот поранешен патријарх, а камоли 40-дневниот жалосен период, во кој според канонската практика се избира само привремен местобљустител. Не била спроведена никаква процедура за свикување архиерејски собор, туку, како што се наведува, неколкумина се собрале во приватен стан во Киев и преку Zoom со уште неколку архиереи од Русија и Молдавија набрзина избрале нов „патријарх“.
Интересно е што приврзаниците на Никодим тврдат дека тој бил „едногласно избран“, иако најмалку петмина архиереи воопшто не учествувале во овој т.н. избор.
Тажно е како луѓе со свои амбиции ја дискредитираат самата идеја за Патријаршија на Украинската црква. Но се поставува прашањето — дали токму тоа е целта?
P.S. По барање на блиските роднини на покојниот патријарх Филарет, кои во последно време се грижеа за него, опелото се врши во Михајловскиот Златоврвен манастир. Никакво „киднапирање“, како што тврдат некои приврзаници на Никодим Кобзар, немало. Во опелото, заедно со архиереите на Православната црква на Украина, учествува и настојателот на Владимирскиот патријаршиски собор на УПЦ КП, протопрезвитер Борис Табачек, како и други клирици од истиот собор. Самопрогласениот „патријарх“ Никодим не учествува, бидејќи, како што самиот изјавил, не му било дозволено.

