Околу 200 американски војници поднеле жалби поради тоа што нивни високи командири користеле екстремистичка христијанска реторика за да ја оправдаат војната против Иран. Жалбите биле доставени до Фондот за заштита на верската слобода на воените лица (MRFF).
Според организацијата, пријавите доаѓаат од припадници на сите родови на американската армија – вклучително морнарица, маринци, воздухопловни сили и космички сили.
Еден од подносителите на жалба, подофицер од единица што може во секој момент да биде ангажирана во операции против Иран, навел дека нивниот командир „постојано ги повикувал војниците да им кажуваат на подредените дека војната е дел од Божјиот план“, при што цитирал пасуси од Книгата Откровение поврзани со Армагедон и крајот на времињата.
Според сведочењето, командирот изјавил дека американскиот претседател Доналд Трамп бил „помазан од Исус“ за да го „запали сигналниот оган во Иран“, кој, според таа интерпретација, ќе го означи почетокот на Армагедон и второто Христово доаѓање.
Друга жалба била поднесена од сержант во име на 15 војници – меѓу кои 11 христијани, еден муслиман и еден Евреин. Таа првично била доставена до независниот новинар Џонатан Ларсен.
Претседателот на MRFF, Мајки Вајнштајн, ветеран од американските воздухопловни сили, изјави дека ваквите случаи покажуваат загрижувачки раст на христијанскиот екстремизам во армијата. „Секојпат кога САД или Израел се вмешуваат во случувањата на Блискиот Исток, добиваме пријави за христијански националисти кои го преземаат влијанието во владата и, секако, во армијата“, изјави тој.
Според Вајнштајн, жалбоподателите сведочат за „еуфорија кај некои командири“, кои ја опишуваат војната како „библиски санкционирана“ и како знак за приближување на апокалиптичниот „крај на времињата“.
Тој оцени дека ваквите изјави претставуваат јасно кршење на принципот на одделување меѓу црквата и државата.
Во контекст на оваа дебата, се споменува и американскиот политичар Пит Хегсет, кој е познат по својата поддршка за христијанскиот национализам и по промовирањето на доктрината за т.н. „целосен суверенитет“, поврзана со радикални идеи на христијанскиот реконструкционизам.
Според критичарите, оваа идеологија повикува на строги патријархални општества и на законски санкции против одредени групи. Во август 2025 година Хегсет сподели објава за пасторот Даг Вилсон, кој изјавил дека жените не треба да заземаат високи командни позиции во армијата.
На барањето за коментар во врска со жалбите, Пентагон не даде директен одговор, туку објави видеа во кои Хегсет зборува за воените операции поврзани со Иран.

