Верувам дека на секој нормален православен човек му е јасно дека, согласно надворешните, видливи критериуми, нашата меѓусебна христијанска заедница и единство се засновани на иста – Православна вера, и исто – Апостолско преемство, од Светата Педесетница до денес, потврдени во непосредна или посредна светотаинска заедница – преку сослужување и заемно спомнување на Светата Литургија. Со други зборови, нашата меѓусебна христијанска заедница и единство се засновани на нашата заедница и единство со Отецот и Синот и Светиот Дух. Оној што ќе отпадне од Православната вера или оној кој што ќе отпадне од Апостолското преемство, ќе отпадне и од црковното единство и од светотаинската заедница; ќе отпадне и од Едниот Бог. Не смее да постои државен, национален, политички или каков било друг интерес поради кој ова единство и заедница би биле нарушени или прекинати. Не смее да има ништо поважно од црковното единство и заедница; не можеме на двајца господари да им служиме – и на Бог и на ѓаволот.
Нашето црковно единство и заедница се засновани на заедницата и единството со Бог – Света Троица, и затоа се, пред сѐ, заедница и единство со Бог. Штом е ова вака, во тој случај, секако дека мора да постои и внатрешен критериум за тоа единство и заедница. Минимумот за тој внатрешен критериум е дарот на умно-срдечната молитва. Така што, луѓето можат и видливо да те одделат од црковната заедница – како личност или како Помесна црква, поради некакви нивни национални и црковно-политички интереси, ама не можат и од Бог. Затоа и може да се случи – формално, административно, да бидеш одделен од црковната заедница, а во твоето срце Светиот Дух со неизглаголиви воздишки – Авва Оче, да се моли за оние кои те отфрлиле од заедницата; опит што не можат да го имаат оние кои што растеле во канонски признати Помесни цркви. Што да се прави, секоја состојба си има свои недостатоци, но и предности, т.е блаженства.
Инструмент за одржување и негување на црковното единство се и светите Собори и светите Канони на Црквата. Тие не се оружје за меѓусебна војна. А посебен и многу важен инструмент за одржување и негување на црковното единство, а понекогаш и за исцелување на долгогодишните рани на Телото на Црквата, е и Првенството по чест во Неа – посебно кога не постојат услови за свикување на Вселенски Собор. Затоа, Првенството по чест на Вселенскиот Патријарх сите треба да го штитиме! Не поради тоа што тој ни се допаѓа или сме блиски со него – или не сме, туку поради тоа што со тоа го заштитуваме токму единството на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Секогаш мора да се знае кој е прв по чест и во Соборната Црква и во секоја Помесна црква – посебно. Тргнете го, макар и мисловно Првенството по чест и единството ќе се распадне – и меѓу Помесните цркви и внатре во нив. И секој поглавар треба да го штити Првенството по чест, затоа што така го чува и единството на својата Помесна црква.
Првенството по чест се напаѓа само од оној што го доживува како „првенство по власт“. Првенството по власт е мало искушение за секој еден поглавар кој има Првенство по чест, но само во својата Помесна црква – избор на „свои“ епископи, спроведување на „свои“ политики, обезбедување на „својата“ позиција, но, никој не може да го спроведе надвор од својата Помесна црква; па, дури ни Вселенскиот Патријарх. Дарувањето на автокефалност е сепак знак дека некој не боледува од „првенство по власт“. Понекогаш се дарува и привремено условена автокефалност, додека не се разрешат некои спорни состојби. Нападот врз Првенството по чест предизвикува поделби во Црквата, како и заземање на страни – притоа. Никој не треба да си дозволи да падне на такво демонско искушение како што е „заземање на страни“ – при некои привремени поделби, особено не еден православен епископ. Затоа што, ако повеќето епископи паднат во таква демонска замка, расколот ќе биде неминовен. Заземањето страни е главна карактеристика на демоноопседнатите. Нарушување на црковното единство и заедницата со Бог е главна цел на демоните; чин што и самите нив ги обликува вечно да бидат како такви – паднати ангели. Од друга страна, борбата за зацврстување на црковното единство ги привлекува сите дарови на Светиот Дух.
Затоа, наместо расколот да го бараме надвор од нас или да го продуцираме поради задоволување на наши политички интереси, поарно да го побараме и надминеме внатре во нас. Подобро е да го надминеме расколот помеѓу нашиот ум и благодатта на Крштението внатре во нашето срце – добивајќи го дарот на умно-срдечната молитва. Надминувањето на внатрешниот раскол ќе ни го отвори хоризонтот на „Првенството по авторитет“ и веќе никакво друго првенство нема да нѐ интересира. А колку помало внатрешно покритие имаме за свештените чинови што ги носиме, толку повеќе сакаме да воспоставиме контрола внатре во Црквата. А контролата е зависност, која самите нас нѐ контролира – согласно демонските потреби, и таа предизвикува отпор. Да не дозволиме да треба Бог да интервенира и да ги регулира овие судири – нема да си поминеме убаво. Подобро е самите да се смириме и да се покаеме… Знам дека никому од повиканите нема да му се допадне напишаното; посебно, што никој не сака поставување на критериуми кои ги откриваат слабостите.
И запамтете: внатре во Едната Света Соборна и Апостолска Црква, на одреден административен акт, не смее и не може да се одговара со светотаински акт! На пример: некој прогласува неканонски автокефалност или носи не знам какво име, а друг – како одговор на тоа, прекинува евхаристиско единство со првиот. Кога некој прогласува автокефалност, оној што не се согласува, просто, нема да му ја признае или нема официјално да му се обраќа по името со кое не се согласува; што значи, на административен акт се одговара со административен акт, но никако со прекин на евхаристиското единство! Никој, освен некој малоумен или демоноопседнат, не би си отсекол дел од своето тело поради мала и излечива повреда; која и така – само во заедница со целото тело може да биде излечена. Не е Црквата само тело човечко, туку е Богочовечко; ако човек така лесно отфрла, Бог – не; немој да се најдеме и противници на Бог.
Пишува: Митрополит Струмички Наум

