Светиот синод на Вселенската патријаршија, заседавајќи во Фанар под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј, едногласно одлучи во ликот на светите на Православната црква да ги впише двајцата атонски подвижници – јеромонахот Тихон Светогорец, духовен отец на свети Пајсиј Светогорец, и монахот Георги, познат како Хаџи Георги, родум од Кападокија.
Со оваа одлука уште две преподобни личности од Света Гора Атонска се прибројуваат кон соборот на светителите за време на патријаршиското служење на вселенскиот патријарх Вартоломеј, како сведоштво за непрестајниот духовен плод на атонската монашка традиција.
Преподобен Тихон Светогорец (1884–1968)
Во светот Тимотеј Голенков, е роден во 1884 година во Новаја Михајловка, Русија, во побожно семејство. Уште од рана возраст во неговото срце горела љубов кон Бога и желба за целосно предавање во служба Негова. Со благослов од родителите, тој посетил околу двесте манастири во Русија, живеејќи во дух на воздржание, смирение и духовна ревност. Подоцна се поклонил на Синај и во Светата земја, подвизувајќи се извесно време и преку реката Јордан. Во потрага по подлабоко безмолвие и духовен мир, се населил на Света Гора. Прво живеел во келијата „Буразери“, а потоа во суровата област Каруља, каде петнаесет години водел строг подвижнички живот. Неговата цел била не само надворешно да го носи ангелскиот образ на монаштвото, туку и внатрешно да се уподоби на ангелите преку чистота, смирение и непрестајна молитва.
Подоцна се преселил во келија на манастирот Ставроникита во Капсала, каде се грижел за својот старец до неговото упокојување. По неговата смрт, останал сам, засилувајќи ги духовните подвизи. Поради длабокото смирение и искрената љубов кон Бога бил удостоен со изобилна божествена благодат. Мнозина верници му се обраќале за утеха и духовно раководство. По настојување на своите духовни чеда и од чувство на пастирска одговорност, примил и свештенички чин за да им служи преку светата тајна Исповед.
Особено значаен е фактот што преподобниот Тихон бил духовен отец на свети Пајсиј Светогорец. Самиот светител секогаш со благодарност и благоговејност зборувал за својот старец, истакнувајќи го неговото пресудно влијание врз неговото духовно изградување.
Во 1968 година, претчувствувајќи го својот крај, преподобниот уште повеќе се предал на непрестајна молитва и благодарење кон Бога, често повторувајќи: „Слава Тебе, Боже“. По празникот Успение на Пресвета Богородица, телесните сили постепено го напуштиле и во мир и тишина го предал својот дух во Божјите раце.
Преподобен хаџи Георги Светогорец (1809–1886)
Преподобниот хаџи Георги, во светот Гавриил, е роден во Кермира, Кападокија, како првороден син во христијанско семејство. Од рана возраст се предал на монашкиот живот. По усрдни молитви и со застапништво на Пресвета Богородица, го добил дарот да научи да чита, што било доживеано како јасен знак на Божјата милост.
Како млад престојувал во Константинопол, каде со молитва помогнал во враќањето кон христијанската вера на свој близок кој преминал во ислам. Неговиот подвижнички живот оставал впечаток и меѓу управителите на тогашното време. Подоцна заминал на Света Гора, каде стапил во манастирот „Григоријат“ и го примил монашкото име Георги. По поклонението во Светата земја, почнале да го нарекуваат и хаџи.
Строг во постот, бдението и молитвата, тој го раководел братството во Кавсокаливија и станал духовна поткрепа за многумина кои страдале. Неговата светост била толку очигледна што неговото име станало симбол на подвижнички живот меѓу атонските монаси. И покрај тешките искушенија, вклучително и прогон од Света Гора, останал непоколеблив во верата и продолжил да ги поддржува христијаните кои живееле во услови на притисок и страдање.

