Руски православни богослови обвинети за „тероризам“ поради противење на војната во Украина

Date:

Share post:

Една година по апсењето на младите православни богослови Денис Попович и Никита Иванкович, нивниот случај станува симбол на репресијата врз верници во Русија кои јавно или приватно се спротивставиле на војната во Украина, јавува во својата анализа Public Orthodoxy. Нивната приказна открива внимателно оркестриран прогон –  во кој се вклучени руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), анонимни канали на Телеграм, поврзани со црковни претставници, и покренува длабоки прашања за соучеството на Московската патријаршија во политичката репресија.

Денис Попович беше уапсен на 13 јануари 2025 година во Москва, додека се упатувал кон Сретенскиот манастир. Првично му беше изречена административна казна за наводно „ситно хулиганство“, обвинување што, според неговите блиски, е целосно несоодветно за неговиот карактер и начин на живот. Во следните недели, преку серија последователни административни притвори, случајот ескалираше и прерасна во обвинение за тероризам. Еден месец подоцна беше уапсен и неговиот пријател Никита Иванкович, кој, според достапните информации, бил приведен во координирана акција откако редовно му носел храна и облека на Попович за време на неговиот притвор. Двајцата денес се соочуваат со можни казни до 20 години затвор и сè уште се наоѓаат во озлогласениот истражен затвор Лефортово во Москва.

И Попович и Иванкович се образувани православни богослови, поврзани со Сретенската духовна семинарија. Попович, роден во 1997 година во Черновци, Украина, бил секретар и благајник на митрополитот Тихон Шевкунов, еден од највлијателните архиереи на Руската православна црква и личност блиска до претседателот Владимир Путин. Иронијата на случајот е во тоа што подоцна токму врз нego ќе се стави и товарот за наводниот „заговор за атентат“ врз истиот архиереј на кого некогаш му служел со посветеност и продолжува длабоко да го почитува – дури и од затворската ќелија. На 28 февруари 2025 година, ФСБ го издаде своето триумфално соопштение за медиумите: „Федералната служба за безбедност спречи терористички чин планиран од украинските специјални служби против митрополитот Тихон од Симферопол и Крим“.

Прогонот не започна во судница, туку на Телеграм. На 11 септември 2022 година, анонимниот канал „Епископ Луцифер“ – за кој се смета дека е поврзан и со претставници на Московската патријаршија и со ФСБ – објави информација насловена како „Заспани бандерити во РПЦ“, насочена кон Попович. Терминот „бандерити“, кој се однесува на следбениците на украинскиот националист Степан Бандера, стана омилена навреда на Кремљ за Украинците кои се спротивставуваат на руската доминација. На 4 октомври 2022 година, каналот објави аудио снимка од приватен разговор каде што Попович разговарал со пријатели за последиците од војната. Осум дена подоцна, објави фотографии од Иванковиќ, означувајќи го како „најблизок пријател на бандеровитот Попович“ и експлицитно повикувајќи на одмазда против двајцата.

Значи, случајот започнал со јавни денонцирања на анонимни канали на социјалните мрежи, каде двајцата биле означени како „украински националисти“ поради нивното украинско потекло и критички ставови кон руската инвазија, за да продолжи по моделот ​​што руските бранители на човекови права го нарекуваат „вртелешка“. Административните апсења даваат време за измислување посериозни кривични обвиненија додека жртвата останува во притвор без соодветно правно застапување. Истиот метод беше користен против опозицискиот политичар Владимир Кара-Мурза. Подоцна, Федералната служба за безбедност соопшти дека спречила терористички напад, објавувајќи докази кои, според одбраната, содржат сериозни противречности и знаци на фабрикација. Според сведочења дадени на суд, Попович за време на првите недели од притворот бил изложен на физички и психолошки притисоци, дури и закани за сексуално насилство, со цел да признае вина. Одбраната тврди дека признанијата се изнудени и дека обвинението претставува класичен пример на злоупотреба на антитерористичкото законодавство за замолчување на неистомисленици.

И покрај гласините дека митрополитот Тихон лично не верува во нивната вина, тој досега јавно не се огласил во нивна одбрана. Тоа дополнително отвори прашања за улогата на црковната хиерархија и нејзиниот однос кон државната репресија. Во текот на 2025 година, истрагата се прошири и на други лица поврзани со црковни и образовни институции, што, според набљудувачите, укажува на поширока кампања на заплашување.

Случајот на Попович и Иванкович сè почесто се споменува во контекст на политичките затвореници во Русија. Повиците за нивно ослободување се засилуваат, особено во светло на апелите секој иден мировен договор поврзан со Украина да вклучи и размена на затвореници осудени поради убедување и совест. Една година подоцна, нивната судбина останува неизвесна, а нивниот случај се наведува како пример за тоа како војната и политиката навлегуваат длабоко и во верскиот живот, претворајќи ја несогласноста во кривично дело.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img