Ватикан и Италија настапија со обединет став за целосна забрана на сурогат мајчинството на глобално ниво, на средба одржана во Палацо Боромео во Рим, под наслов „Обединет фронт за човеково достоинство“.
На состанокот учествуваа надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар на Ватикан за односи со државите, и италијанската министерка за семејни прашања и еднакви можности Евгенија Марија Рочела. Во фокусот на дебатата беше практиката на сурогат мајчинството, која папата Фрањо ја има оценето како „за осуда“, став што неодамна јавно го потврди и папата Лав XIV.
Надбискупот Галагер истакна дека сурогат мајчинството не е прашање ограничено на поединечни држави, туку проблем што го засега целото човештво. Повикајќи се на новогодишното обраќање на папата Лав XIV до дипломатскиот кор од 9 јануари, тој нагласи дека претворањето на бременоста во „предмет на договор“ го нарушува достоинството и на детето и на мајката.
„Детето се сведува на производ, а телото на жената се инструментализира“, рече Галагер.
Тој ја опиша практиката како „нова форма на колонијализам“, која често ги експлоатира економските тешкотии на жените во посиромашните земји. Според него, зад сложените правни формулации честопати се крие обична продажба на дете, при што интересите на возрасните се ставаат пред благосостојбата на најранливите.
„Личноста не може да биде предмет на трансакција, дури и кога тоа се претставува како чин на великодушност“, нагласи Галагер, додавајќи дека детето секогаш е „дар од Бога“, а не право што може да се купи.
Шефот на ватиканската дипломатија беше критичен и кон меѓународните иницијативи што се залагаат само за регулирање, а не за забрана на сурогат мајчинството. Според него, правната рамка би ја зголемила побарувачката и би создала дополнителен „пазар“ на деца, поради што единствено кохерентно решение е целосно укинување на практиката.
Министерката Евгенија Рочела го потврди цврстиот став на италијанската влада, која од 2024 година го криминализира сурогат мајчинството, вклучително и кога тоа се практикува во странство. Таа ги отфрли тврдењата дека ваквата политика ги нарушува правата на децата, истакнувајќи дека целта е да се спречи „договорализација“ на родителството.
Рочела потенцираше дека сурогат мајчинството не може да се споредува со донација на крв или органи, бидејќи е засновано на комерцијални договори и не содржи вистински алтруизам. Таа повика на посилна меѓународна соработка, особено во рамките на Обединетите нации, за да се подигне свеста за растечката комерцијализација на мајчинството.
Шефот за надворешна политика на Ватикан беше критичен кон меѓународните напори едноставно да се регулира, а не да се забрани, сурогат мајчинството. Тој предупреди дека правната рамка само дополнително ќе ја поттикне побарувачката.
„Понудата е водена од пазарот: поедноставните и побезбедните процедури би ги намамиле повеќе луѓе да прибегнат кон сурогат мајчинство, со што би се создале повеќе деца наменети за продажба. Затоа, единственото кохерентно решение останува целосно укинување“, истакна Галагер.
